„Имаше многу значајни напори во борбата против корупцијата, но се бавни и ги нема во доволен број“, оцени амбасадорката на САД во земјава – Кејт Мери Брнз, во гостувањето во „Само интервју“ на „Канал 5“, прашана за нејзината перцепција околу историски најнискиот ранкинг на земјава според индексот на корупција на „Транспаренси интернешнал“ и аргументот на Владата дека се работи повеќе за перцепција отколку за реалната слика со корупцијата.
„Овде, во овој случај, сметам дека перцепцијата е енормно важна. Ако луѓето забележуваат (перцепираат) корупција, тогаш е проблем и е нешто што го гледаат, нешто со што се соочуваат и борат секој ден. Затоа, сметам дека е важно тоа да се адресира, важно е да се препознае фактот дека ако тоа влијае врз животите на луѓето, ако страдаат… не само од висока корупција на државно ниво, но дури и на локално ниво и омаловажувањата што се потребни за да се извршат ситни плаќања за да се добие пристап до основни сервиси и услуги… сите овие нешта имаат ефект врз населението и ја поткопуваат довербата во нивната влада, го поткопуваат економскиот раст, можностите, и над сѐ – го одземаат човечкото достоинство“, порача амбасадорката.
Како што истакна таа, решението не е само одговорност на Владата:
„Сите имаат одговорност да се справат со ова прашање. Го спомнавме фактот дека Владата има одговорност и тоа е вистина, но тоа не е само одговорност на Владата. Има многу други актери: Институциите треба да го сработат нивниот дел, бизнисните треба да се погрижат да работат согласно најетичката пракса, сите јавни функционери треба да постават многу високи стандарди и бескомпромисно да се држат до нив, граѓанското општество и медиумите треба да ги посочат случаите на корупција (не со намера да покренат политички прашања, туку да се обидат да го решат проблемот), и над сѐ и јавноста исто така има своја улога – треба да ја пријави корупцијата кога ќе ја забележи и да реши дека нема да ја толерира. И мислам дека она што е важно е дека кога граѓаните ќе видат како изгледа владеење на правото и добра власт, тие ќе бараат повеќе од тоа нешто. Ќе бараат и ќе ги притискаат власта и судството да демонстрираат вистински резултати. И тоа е доброто нешто, тоа е разумното нешто, но исто така поттикнува важни реформски напори, кои искрено, треба да бидат забрзани“, додаде Брнз.