Темата за преименувањето на скопските улици, иако имињата што деновиве се вртат во јавноста се само предлози, не му избега ниту на будното, европеѝско, добрососедско око на соседна Бугарија. Речиси истовремено (во рок од не повеќе од два часа, вчера), реакции „пристигнаа“ и од бугарската новинска агенција БГНЕС и од секогаш слаткоречивиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов.
„Градоначалникот на македонската престолнина – Петре Шилегов, одново предизвика остри реакции во општеството со најновото решение за преименување на улици во градот. Од градот се отстранети имињата на најпознатите водачи на национално-ослободителното движење, вклучително и на учесници во Солунските атентати“, спинува пишува БГНЕС, извлекувајќи заклучок дека „во Скопје веќе нема да има улица што го носи името на Борис Сарафов, кој заедно со Даме Груев и Атанас Лозанчев раководеше со штабот на Илинденското востание во 1903 година“. Според БГНЕС, од Скопје е отстранет и Павел Шатев, еден од солунските атентатори, „кој по 1945 година е испратен во егзил од режимот на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито, а тело е фрлено во дворот на една црква во градот Битола“.
Понатаму во текстот БГНЕС алудира, по теркот на Захариева и Каракачанов, дека во земјава сѐ уште се слави комунизмот. Па така, агенцијата пишува:
„За да биде доследен во своите решенија, Шилегов, кој организираше ‘историски тури во Скопје во спомен на Тито’, ја враќа улицата која го носеше името на водачот на Болшевичката револуција во Русија во 1917 година – Владимир Илич Ленин.
Шилегов ја брише и улицата на еден од создавачите на ВМРО – Христо Батанџиев, и на трагично загинатиот претседател во 2004 година при авионска несреќа – Борис Трајковски. И денес македонската престолнина е единствениот град во Европа каде се сретнуваат улици и булевари кои носат имиња на комунистички лидери, вклучително и на диктаторот Тито. Во градот нема ниту една улица што го носи името на еден од десетиците илјади прогонувани и убиени по 1945 година. Имиња на комунистички лидери носат мноштво установи, училишта, па дури и културни центри.
По распадот на СССР, дури и во Русија беа вратени старите имиња, вклучително и на Санкт Петербург, кој беше преименуван од Сталин во Ленинград“, пишува БГНЕС.
Каракачанов, плански или не, се надоврза на ваквиот наратив:
„Градоначалникот на Скопје – Шилегов, деновиве се пофали со смената на имињата на неколку улици во градот. Кажано накратко: во Скопје одново ќе има улица со името на Ленин и други слични“, пишува бугарскиот вицепремиер на Фејсбук.
„Се разбира, тоа тешко дека е изненадување. Современата скопска елита е створена во духот на ленинизмот, а уште повеќе – на сталинизмот. Така што, наскоро во Скопје може да има и улица ‘Сталинова’. Како тргнало, тој момент не е далеку. Ако и веќе не е дојден“, оценува Каракачанов.
Во својот пост, тој посебно се фокусира на улицата „Борис Сарафов“, која, според него, се преименува затоа што Сарафов бил Бугарин.
„Интересно е зошто се менува името на улицата ‘Борис Сарафов’. Таа улица нема да го носи името на револуционерот кој заедно со Атанас Лозанчев и Даме Груев беше во штабот на Илинденското востание. Е, за Борис Сарафов немаше сомнеж дека е Бугарин. Како и за останатите во тоа востание. Дали токму тоа не ја предизвика промената на името? Тој маж е воен раководител на Илинденско-Преображенското востание во Битолскиот револуционерен округ. Единствената ‘вина’ за тие во Скопје, очигледно, му е тоа што бил Бугарин и што бил офицер од бугарската армија. Да ги потсетам, исто така, дека заедно со Гоце Делчев, Борис Сарафов завршил бугарско воено училиште во Софија. Со каков аршин мерите? Едниот го прогласувате за Македонец, а неговиот побратим Борис Сарафов го исфрлате демонстративно од вашата историја.
Но нели Скопје исто така го чествува Илинденското востание од 1903 година? Или можеби повеќе го почитува танакаречениот втор Илинден – тој по 1944 година, кој ги поставува македонизмот и коминтерновските постулати како државна идеологија.
Ако е така, зошто воопшто денешните политичари во Скопје одат на чествување на Илинденското востание од 1903 година? Зошто положуваат цвеќе на Мечкин камен и ја чествуваат Крушевската република? Зошто настојуваат на тој дел од историјата? Ако такви како Сарафов се проблематични за Скопје, зошто тогаш Скопје толку многу настојува на историското наследство од 1903 година?
Откако молчешкум го отстранија и неговиот споменик пред извесно време, ова е вториот јасен гест од властите во Северна Македонија. Каква друга причина би имале да се срамат од Сарафов освен што бил Бугарин?
Уште еднаш апелирам до надлежните во Скопје: Ние од ВМРО сме подготвени лично да го купиме отстранетиот споменик на Борис Сарафов, кој до неодамна чекаше во дворот на леарница во градот да биде претопен како старо железо“, порачува Каракачанов.
Наспроти заклучоците на БГНЕС и Каракачанов дека се бришат имиња на улици, во вчерашното гостување во „Сител“, преку примерот со улицата „Петре Пирузе“, градоначалникот Шилегов нагласи дека само затоа што некоја улица ќе биде преименувана, не значи и дека тоа име повеќе нема да го носи ниту една друга улица:
„Улицата во која јас живеам биле мексички бараки, затоа е крстена ‘Мексичка’. И тоа се мотивите да исправиме едни небулози кои што порано ни се случуваа… Ако ја вратиме ‘Мексичка’, тоа не значи дека Петре Пирузе нема да има улица во Скопје“, рече тој.