Заев за предлогот за една изборна единица: Најважно е сите да се согласат

СДСМ е за Македонија да биде една изборна единица, но секогаш кога се чепка избирачкиот закон, една од клучните работи е да има целосен консензус, односно согласност од сите политички партии, истакна денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, откако претседателот на Демократски сојуз – Павле Трајанов, до пратениците денеска ги доставил предлог измените на Изборниот Законик.

Избирачкиот закон секогаш се носел со консензус и така треба и да продолжи, порача Заев, бидејќи така се генерирала и заштитувала довербата на граѓаните кои го даваат својот глас на изборите.

Покрај општиот консензус, важно е и секогаш да се слушаат и да се имплементираат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, затоа што се аргументирани, посочи премиерот. Како што рече, тоа исто така ќе значи зголемување на довербата на граѓаните во изборниот процес.

„Нашите ставови се јасни – ние се бориме за една изборна единица на парламентарни избори, сакаме отворени листи уште сега на локалните избори – тоа е дел од владината програма. Но исто така сакаме сите да бидеме „за“, затоа што не е во ред дури и помалкубројна партија да излезе надвор, а само големите да се договараме. Сакаме да ја слушнеме опозицијата, таа е многу важна при изработката на Изборниот законик затоа што прво таа мора да ја има довербата во ова парче хартија или закон за изборите којшто е најважен и е lex specialis за сите изборни активности, без разлика дали се парламентарни, претседателски или локални. Локалните избори се многу важни, можеме секојпат нешто и да унапредиме, но добро е и ако разговараме и за парламентарни избори, иако се 3.5 години од сега. Убаво е уште сега, растеретени, да вградиме елементи коишто ќе ги стават сите на сигурно, а притоа и сите ќе имаат доволно време да се подготват.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Значи важно е консензусот, важно е ОДИХР, важна е опозицијата, многу важна, и важно е да ги слушаме и правните експерти за тоа што е можно и што е спроведливо“, заклучи Заев.

- Реклама -