Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, денеска во својот кабинет остварил работен состанок со министерката за образование и наука Мила Царовска и поранешниот министер и пратеник Арбер Адеми, информираат од МПСОЗ.
За време средбата, тие разговарале за концептот на реформи во образованието и за Законот за учебници за основно и средно образование. Воедно, тие се согласиле дека, во согласност со Законот за учебници за основно и средно образование, сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година средно образование.
„Тројцата соговорници, исто така, се согласија дека во овој случај, со учебникот по географија за втора година средно, како и со другите учебници, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници. Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредува историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Освен за учебникот по географија, Груби и Царовска се согласиле и дека во рамките на оваа одлука, во периодот што следува, ќе бидат разгледани сите учебници, со цел да се стави крај на овие појави и недоследностите во учебниците.
На крајот состанокот, Груби, Царовска и Адеми се согласиле заеднички да ги поддржат реформите во образованието, оценувајќи ги како една од најпотребните реформи за Република Северна Македонија, додаваат од министерството.
* * *
„Скандалозниот учебник“ по географија за втора година средно деновиве беше актуелен во медиумите на албански јазик, откако пред неколку дена, пред Министерството за образование, навредени од содржините во него, млади поддржувачи на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива ги запалија спорните страници. Тие конкретно ги посочија содржините кои Албанците, или барем дел од нив, ги сметаат за навредливи.
Така, на пример, за спорно го сметаат напишаното на 99 страница од учебникот, каде стои следново:
„Меѓу денешните македонски Албанци има и родови кои себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род кој потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.
Спорен е и делот на 103 страница во учебникот, каде што се вели „окупаторска Албанија на западна Македонија“
За Албанците, спорно е и напишаното на 104 страница, каде се наведува дека Албанците во Македонија се доселувале во различни периоди, почнувајќи од 1780 година, но и дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.