Захариева: Нека се пријатели со Србија, но сакаме да имаат пријателски односи и со нас

„Факт е дека ја направивме видлива и активна нашата политика на Балканот. Уште во првите 2-3 месеци од мандатот ги обиколив сите земји од регионот. Тоа ми беше целта како министер. Се разбира, отидов и во Романија и во Грција како соседни земји и членки на ЕУ. Постојано се гледавме со колегите во рамките на разните форуми. Целта на Бугарија е – и не само на оваа влада, туку низа влади работеа – да имаме добри односи со сите наши соседи“, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за софискиот „24 часа“, по прашањето за односите со Македонија.

На забелешката дека и покрај напорите, односите со Република Северна Македонија – земјата со која би требало да имаат најтопли и братски врски – се особено напрегнати, Захариева вели:

„Да, со Република Северна Македонија како во последните години да има нешто недоискажано и недовршено, макар што тоа не е само во последните години. Но фактот што е толку видливо и секогаш во фокусот на јавноста, сметам дека во крајна сметка ќе помогне за разрешувањето. Тоа воспитување на генерации со омраза кон Бугарија и Бугарите е во основата на нашиот проблем“, вели шефицата на бугарската дипломатија на истекот на својот мандат во пресрет на парламентарните избори во март.

Според неа, нема друго решение освен да се „прележи“ тој проблем, а тешката реторика што била изречена во меѓусебните односи се должела на тоа што македонската страна преговорите за спорот ги терала преку медиумите:

„Немаме друг избор, тој проблем треба да се надмине. Ние секогаш сме ги поддржувале и во најтешките моменти, ќе продолжиме и понатаму тоа да го правиме. Не ми се допаѓаше тие да ги водат преговорите до тој степен преку медиумите, што доведе до тешка реторика, зашто после е тешко да се одречеш од кажаните мисли. Разбирам дека многу често се зборува главно за сопствената публика, но не е во ред во 21 век да се печалат избори со кампањи против било која од соседните држави. Не може тоа да продолжи така“, порачува Захариева, алудирајќи на парламентарните избори во земјава во јули минатата година.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Прашана за тезите според кои „Србија и Бугарија водат студена војна на територијата на државава, а целата пропаганда и јазик на омраза кои виреат во Скопје се испровоцирани од одредени кругови во Белград“, Захариева вели:

„Бугарија со сигурност не води војна. Ниту со Република Северна Македонија, ниту со Србија, ниту со која и да било друга држава на светот. Но за никого не е тајна силното влијание на Белград во Скопје и со сигурност постои тенденцијата за приближување кон српскиот јазик, српскиот бизнис и институции. Таа тенденција не престана во последните околу 30 години и тоа е разбирливо. Но, целта на Бугарија не е да ги расипе нивните пријателски односи. Нека се пријатели. Ние просто сакаме да имаат пријателски односи и со нас. Сите да бидеме пријатели. Да сме поврзани, да градиме заедно.

Не може со Република Северна Македонија да немаме железничка линија. Не може да создаваат административни пречки за бугарските компании. Обидот да се прикаже Бугарија како историски реваншист од 19 век е крајно неприфатлив, зашто нашите проблеми се во реалноста. Најважното е да се смират емоциите и да гледаме прагматично“, вели Захариева во интервјуто.

 

За билатералните односи со Србија и неодамнешната прва посета на српскиот министер за надворешни работи на Бугарија по дури седум години, како индикација за состојбата на ова поле, Захариева истакна:

„Со Србија до крајот на оваа година конечно ќе имаме магистрала Софија – Белград. Српски министер навистина не беше дошол на билатерална посета во Бугарија долго време. Задоволна сум што Бугарија беше втората земја во регионот која тој ја посети. Имаме добри односи со Србија. Се разбира, секогаш ги отвораме прашањата за бугарското малцинство таму, за достапноста на образование и учебници на мајчин јазик, за развикото на регионот, за инвестиции итн. “.

- Реклама -