Трајанов: Апсурд е во личната карта да стои етничката припадност

Предложените измени на Законот за лична карта, со кои се предвидува покрај другите податоци (име и презиме, датум и место на раѓање, единствен матичен број, државјанство и сл.), да биде впишана и етничката припадност, се против граѓанскиот концепт на државата, можат да предизвикаат дискриминација на граѓаните и да ги повредат нивните индивидуални и колективни права – смета Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз.

„Така, на пример, при идентификација со лична карта во банка, суд, полиција или во друга државна или јавна институција, се презентира и етничката припадност, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак (народите наведени во Уставот на РСМ, но и други етникуми), што навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина значи нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа и различен третман, како и поларизација и дискриминација“, образложува Трајанов. „Во иднина некој може да побара во личната карта да се впише и религиската определба, како и други карактеристики и обележја за секој поединец или колективитет, чие изложување може сериозно да ги наруши приватните и колективните права на граѓаните. Во предлог законот нема компаративни податоци и анализи, нема образложение зошто се предлага ваква измена“, додава тој.

Според него, овој податок, доколку биде внесен во личната карта, ќе отвори и можност за пребројување по етничка припадност и по тој основ ќе отвори и можност за поделби, затворање во етнички гета, нарушување на еднаквоста пред законите и институциите, расправии, нетрпеливост, омраза, па дури и физички пресметки.

„Без разлика што сите партии застапени во Собранието досега немаа забелешки (некои еуфорично ги прифаќаат измените), сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие измени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се важни податоците за етничката припадност, освен ако не се ‘предвидува’ во иднина стекнување предност и права поврзани со етничката припадност. На пример, ако возиш над дозволената брзина, а, да речеме, си Французин, ќе добиеш казна од 200 евра, додека ако си Турчин – 500 евра!? Тоа го посочувам за да се види апсурдноста на овие промени кои пратениците наскоро ќе ги гласаат“, изјави Трајанов.

* За потсетување, вметнувањето на етничката припадност во личните карти беше договорено уште во јануари 2019 година, меѓу Владата и БЕСА, односно премиерот Зоран Заев и Биљал Касами, кога гласовите на пратениците на БЕСА беа потребни за двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени што произлегоа од Договорот од Преспа. За Касами и неговите пратеници, во тие преговори, спорно беше што „македонско/граѓани на…“ – како што е предвидено со Преспанскиот договор, на албански се преведува како „Maqedonаs/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore“, а зборот „Maqedonаs“ во албанскиот има двојно значење – „македонски“, но и „Македонец“. Оттаму, БЕСА и Касами, според кои со тоа Албанците се нарекуваат Македонци, предлагаа поинаква формулација, но поради ризикот дека тоа нема да биде прифатено од Грција, на крајот беше постигнат компромис околу личните карти.

- Реклама -