„Во изјава за Политико потенцирав дека набавката на вакцини не смее да биде политичко прашање и нашиот приоритет е зачувување на јавното здравје. Сите земји од ЕУ во моментов се соочуваат со недостиг и предизвик во набавката на вакцини. Механизмот на европската солидарност доцни, но тој ќе се реализира“, порача министерот за здравство Венко Филипче.
Србија се издвои како предводник во трката за вакцинација во континентална Европа, благодарение на Кина – оценува реномираниот POLITICO во анализата на геополитичките импликации од недостатокот на вакцини од производителите од Западот.
„Оваа земја од Западен Балкан вакцинираше со барем една доза од вакцината за коронавирус околу 7% од своето население – стапка што е повеќе од двојно повисока од актуелниот просек во Европската унија, каде до првата половина на февруари се вакцинирани 3 до 4% од луѓето.
Најголемиот дел од 1.1 милион дози увезени од 7-милионската нација, се од кинеската Sinopharm. Уште милион треба да пристигнат пред март, а земјата исто така преговара и со Русија за да ја добие но и да започне со домашно производство на вакцината Sputnik до крајот на годината. Земјата исто така е во преговори и со фармацевтските компании зад трите одобрени вакцини во ЕУ“, пишува POLITICO за Србија.
Ваквиот потег (свртување кон Истокот за вакцини) не е без ризик, затоа што ни Европската агенција за лекови ниту САД досега ја имаат одобрено вакцината на кинеската „Синофарм“, поради недостаток од податоци за испитувањата во трета фаза и нивно објавување во големите медицински журнали. Сепак, за Белград, високата стапка на вакцинација е доказ за исправноста на деликатната, балансирана геополитичка позиција на Србија, која преговара за членство во ЕУ, но исто така негува и блиски врски со Пекинг и со традиционалниот сојузник Русија, оценува „Политико“ во анализата, додавајќи дека и други земји во регионот тргнуваат по стапките на Србија.
Како една од тие земји, порталот ја посочува токму Македонија: „Очекувајќи ја првата пратка од COVAX да пристигне во март, силно проевропската влада сега почна преговори со Кина во обид побрзо да обезбеди вакцини“, пишува.
Филипче, сепак, потенцира дека на овој потег не треба да се гледа како на вртење грб кон ЕУ:
„Не го сметам ова за политичка и геополитичка ситуација, ова е прашање на јавно здравје. Сите ние се соочуваме со предизвиците околу пристапот до вакцинација. ЕУ земјите се соочуваат со свои сопствени предизвици“, вели министерот за здравство за POLITICO, според кого затајувањето на механизмот на европската солидарност е прашање на доцнење, а не и на нереализација – тој ќе се реализира.
За разлика од Филипче, некои други се покритички настроени – посочува POLITICO, пренесувајќи го ставот на епидемиологот Драган Даниловски, според кого ситуацијата со вакцините потсетува на тонењето на Титаник:
„Уште пред да бидат одобрени вакцините (од Европската агенција за лекови) целосното нивно производство беше откупено однапред, а ние бевме оставени да чекаме подобри времиња. Како во примерот на Титаник, кога спасувачките чамци беа прво пополнети од богатите патници, додека сиромашните се давеа. Сега ја имаме истата психолошка матрица на дело. Во критичните моменти, секој гледа прво за себе“, вели Даниловски, кој не е убеден и дека пратките од COVAX механизмот ќе стигнат според планираното.
Слично на Даниловски размислуваат и во Албанија, која е единствената земја од Западен Балкан покрај Србија која веќе започна со вакцинација, благодарение на симболичната донација од 975 од земја членка на ЕУ која се држи во тајност. Албанската влада, слично на македонската која обезбеди околу 800.000, веќе обезбеди 500.000 дози преку директни преговори со „Фајзер“, од кои пристигнаа 1.170, со уште 40 илјади кои се очекуваат да пристигнат до крајот на февруари. Остатокот се очекува дури наесен.
„Во суштина ние немаме програма на вакцинација во моментов. Сметаме на колективниот имунитет. Иако тоа не ни се допаѓа, природата ќе го сработи своето“, вели албанскиот епидемиолог Илир Алимехмети, кој додава дека Албанците многупати биле разочарани од ЕУ, така што очекувањата не се големи, па ни разочарувањето не може да биде многу големо.
„Ако погледнете како ЕУ го спроведува овој процес, засега реши да размислува само за себе“, оценува и албанскиот премиер Еди Рама, според кого досегашниот пристап е „морално и политички неприфатлив“, пренесува POLITICO.
Дека не е мудро да се остави дел од континентот невакциниран – предупредува и Филипче. „Ако некои делови од ЕУ се оставени на ризик, сите ќе бидат на ризик“, посочува тој.