На денешниот состанок Комисијата за заразни болести дала препорака да останат на сила актуелните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, информира министерот за здравство Венко Филипче.
Со тоа, угостителските објекти, наспроти нивните барања, ќе продолжат да работат по досегашното работно време, односно до 21 часот.
Нема да има промена ниту во државната и јавната администрација, општините и судовите, кои ќе продолжат да работат како и досега – во смени, онлајн или по редуциран систем со ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес и работното место.
Промена на мерките нема затоа што „здравствената ситуација со КОВИД-19 е само стабилна, но не и намалена. Поради тоа не е дадена никаква препорака за олабавување на мерките и препораките“, образложуваат од Министерството.