Здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на кинески вакцини против ковид-19 и веќе оствариле контакти, со помош на кинеската амбасада, со кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“, открива во интервју во „360 степени“ на ТВ „Алсат“ министерот за здравство Венко Филипче. Според него, одговорот со детали во однос на договорот, цената и испораката би требало да го добиеме до крајот на неделава.
Ваквата најава доаѓа откако вчера во Брисел вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи останаа без конкретен рок од Европската комисија за тоа кога ЕУ ќе обезбеди вакцини за регионот. ЕК признава дека постои проблем (било да се работи за преголеми ветувања или нешто друго) и во моментов бара одговори од фармацевтските компании, а тоа го посочи и Филипче во контекст на кинеските вакцини. Тој потсети дека неколку европски земји веќе најавија тужби против „Фајзер“ поради неуспехот на компанијата да обезбеди доволно количини вакцини, но го потенцираше и примерот на Хрватска, која од овие причини го прекина процесот на имунизација на своето население. Оттаму, се работи буквално на сите полиња за да се обезбеди интегрален процес кој од моментот на почнување на имунизацијата ќе се одвива без пауза, вели министерот.
Само неколку дена порано, пак, премиерот Зоран Заев изјави дека во поглед на вакцините, Македонија тежи повеќе кон Западот. Тој ја припиша отвореноста на Србија кон руските и кинеските вакцини на нејзиното немање аспирации за НАТО, додека Северна Македонија, како што истакна, како нова членка, генерално се држи кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции.
Од ЕУ, пак, велат дека не се мешаат во одлуката, но предупредуваат дека кинеските вакцини не се одобрени од европската Агенција за лекови (ЕМА):
„Одлуката останува на владата во Северна Македонија, но треба да се има на ум дека ниедна од овие две вакцини не се одобрени во ЕУ, тоа е одговорност на властите кон сопствените граѓани, Европската Унија не се меша во оваа одлука“, порачале од Европската комисија за дописничката на МИА од Брисел.
Според Филипче, тоа не е проблем:
„Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет“, истакна министерот во интервјуто на „Алсат“ во поглед на кинеските вакцини.
И професорот Никола Пановски не гледа проблем во тоа што кинеските вакцини не се одобрени од ЕМА. Според него, не постои лек што ЕМА го одобрила, а притоа да доаѓа од Индија, Русија и Кина, а и самите овие земји не сакаат/не се загрижени дали Европската агенција за лекови ќе одобри нешто нивно или не. Според Пановски, Западот, вклучително и САД, „се избрукале“ во справувањето со пандемијата, па оттаму и не е вообичаено да се свртиме кон Истокот, не во политички, туку во медицински поглед:
„Да гледаме и на производите од Исток, оти факт е дека даваат резултати, така што мислам дека и вакцините не треба да се потценуваат, особено кога ги немаме западните и особено ако се десетина пати поевтини“, вели професорот за „Радио Слободна Европа“.
Пановски, притоа, оцени и дека власта нема искуство во набавка на вакцини и дека за такво нешто, посебно во ваква ситуација, треба да сте, пред сѐ, добар трговец (повеќе прочитајте ТУКА).