Како носител на извршната власт нормално е да сте на удар на критичката маса, но кога границата ќе се помине, редно е да кажете стоп и да тужите, зашто само така во државата ќе се покаже до каде е дозволиво газењето на чувствата на граѓаните, вклучително и на претседателот на владата – порача денеска премиерот Зоран Заев пред Граѓанскиот суд по рочиштето со новинарот Зоран Божиновски, кого го тужи за клевета за Фејсбук статус во кој новинарот обвинува дека премиерот, заедно со тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, земал наводен рекет од 60 милиони евра.
„Кога ќе се поминат нормалните граници, кога ќе бидат повредени чувствата, кога сте исклеветени, кога сте навредени, кога вашите деца се исправени да ве прашат зошто некој ве кажува дека сте дел од рекет акција, дека сте дел од криминална група, дека правите штета во милионски суми на државата или слично, ги поминува границите. Верувам дека со личните чекори коишто ги преземаме или не ги преземаме, а во функција дека многу често не сум преземал дејствија да поднесам тужба, освен кога ќе се поминат сите граници и ќе се помине тој мегник којшто го кажувам, тогаш ја испраќам пораката дека еднаш нешто мора да застане и да престане затоа што е премногу“, истакна премиерот.
Тој посочи дека денеска очекувал да добие извинување од Божиновски, но бидејќи тоа не се случи, ќе остави судот да одлучува понатаму.
Божиновски, пак, наместо извинување, утрово најави дека денеска ќе објави аудио снимка и транскрипт од речиси 2.5-часовен разговор меѓу Александар Верушевски и Зоран Заев, воден во август 2016-та година. Според Божиновски, се работи за договор на Заев со Мијалков на штета на граѓаните и државата, преку Верушевски како посредник.