Во интервју за МТВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го адресираше инцидентот со полицијата на карневалот во Вевчани.
„Ние мораме да постапуваме секаде каде што има потреба, особено сега во време на пандемија, мора да проверуваме дали се спроведуваат мерките за заштита сѐ со цел да спречиме ширење на здравствената криза. Сега сме во фаза кога во тек е имунизацијата, а ќе започне и кај нас и тоа ни отвора уште поголема обврска“, рече министерот.
Според него, ништо спектакуларно не се случило во Вевчани:
„Договорите кои ги постигнавме со вевчанци не се испочитуваа. Од политички причини сакаа инцидент и сензационалност“, истакна првиот човек на полицијата.
Тој апелираше сите да ги почитуваме мерките и на тој начин да му помогнеме на здравствениот систем и да им помогнеме на медицинските работници.
„Јануари е полн со празници и затоа апелираме да престанат групирањата и доследно да се почитуваат мерките“, порача Спасовски.