Пехчевско си има башка проблем со Бугарија: Диви коњи ја минуваат границата и пустошат македонски ниви

Покрај грубите навреди од Каракачанов и потценувачките изјави на Захариева кои ги трпат сите Македонци, жителите од пехчевското село Спиково си имаат и дополнителен проблем со Бугарија. Поточно, проблем што доаѓа од таа страна на границата.

Имено, веќе неколку години, жителите на Спиково безуспешно се обидуваат да ги одбранат своите ниви и овоштарници од едно стадо коњи кои „илегално“ ја минуваат границата и прават пустош од она што спиковци го посадиле, објави ТВ „Стар“, а пренесува „Плусинфо“.

„Има луѓе што направиле големи викендици и овоштарници, а во нивите садат секакви градинарски култури, но нѐ напаѓаат коњи од Бугарија затоа што нашето село е 2 километри од границата. Речиси секогаш се над 50 коњи и кога ќе влезат во овоштарникот, газат, јадат и пустошат“, велат гледачи за ТВ „Стар“.

Во меѓувреме, се чека Каракачанов да потврди дали бугарските коњи се „едно исто стадо“ со македонските, а Захариева да потврди дали корените на плодовите што ги јаделе коњите се бугарски (тоа веројатно ќе значи и дека проблем не постои).

Шегата на страна, иако банален, проблемот за жителите на Спиково е сериозен, но пред сѐ има и меѓународна тежина (повеќе зa нивната мака прочитајте ТУКА). Останува да видиме дали двете „најблиски пријателки“ и „природни сојузници“ ќе успеат и од ова да направат билатерален, а зошто да не и поширок меѓународен спор…

- Реклама -