Откако Чешката ракометна федерација соопшти дека се откажува од настапот на машкото Светско ракометно првенство во Египет, кое почнува од утре и ќе трае до 31 јануари, стигна и потврдата од Светската ракометна федерација (IHF, International Handball Federation) – Македонија ќе го заземе нејзиното место.
„Како резултат на неколку позитивни резултати на задолжителните Ковид-19 тестови пред заминувањето за Египет, Република Чешка официјално се повлече од нивното учество на 27-от Светски ракометен шампионат за мажи… Согласно регулативите околу Ковид-19 за СП 2021 во Египет, нацијата со статус на прва резерва – Северна Македонија – беше поканета да учествува“, се вели во соопштението на ИХФ.
Оттаму појаснуваат дека листата на „резервни нации“ е создадена во согласност со резултатите од квалификациските натпревари на континентот на актуелниот светски шампион, што во случајов е Европа. Северна Македонија е номинирана како прва резерва затоа што заврши 15-та на Европското првенство во 2020 година, се додава во соопштението.