Проширувањето на ЕУ е мртво, што ќе следува на негово место? Принципот дека реформите водат до членство во ЕУ повеќе не важи за земјите од Западен Балкан, пишува !„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во обемната анализа, цитирана од „Дојче веле“, пренесува бугарската државна новинска агенција БТА.
Никој тоа појасно не го разбира од Република Северна Македонија, која дури и си го смени името по барање на Грција, за да може да започне преговори со ЕУ. Сепак, грчкото вето беше проследено со француско, потоа и бугарско, овој пат заради историјата и јазикот на словенските Македонци, пишува ФАЦ.
Процесот на проширување е полн со политички стапици кои немаат многу врска со реформските напори на земјите кандидати, се вели во анализата.
На Балканот веќе не се изненадени откако францускиот претседател Емануел Макрон во јули 2019 година во Белград јасно стави до знаење дека ЕУ нема да прима нови членки сѐ додека самата таа не се реформира.
ФАЦ потсетуваме дека ова не е нова ситуација – уште во 2005 година, Берлинската фондација за наука и политика (ФНП) во своето издание посочи на „растечки замор од проширувањето“ и го постави прашањето „дали навистина полноправното членство во ЕУ е единствената опција за долгорочна стабилизација?“ на земјите од Западен Балкан.
„Тоа прашање е порелевантно од кога било“, констатира авторот на анализата – Мајкл Мартенс.
„Ако членството не е реално, тогаш како треба ЕУ да се однесува кон регионот? Како да го одржи своето влијание и да им се спротивстави на политичките ривали како Русија, Кина и Турција? Постојат многу идеи, многу од нив не се нови“, пишува Мартенс.
Една од нив беше објавена во New York Times уште во мај 2003 година, од тогашните премиери на Србија и Албанија и претседателите на Хрватска и Македонија. Тогаш тие побараа земјите од Западен Балкан да имаат пристап до кохезионите фондови на ЕУ, односно финансиски да бидат третирани како членки на ЕУ, макар и да немаат право на глас во Брисел, потсетува весникот.
За ова прашање „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборувал и со Душан Релиќ, шеф на канцеларијата на ФНП во Брисел.
„Населението на Западниот Балкан не надминува 3.5 проценти од вкупното население во ЕУ. Според економската моќ, важноста на регионот е уште помала. Оттаму, не станува збор за големи суми, туку најмногу за 3 милијарди евра годишно. Но, правилно вложените структурни финансиски стимули можат да раздвижат многу нешта во регионот“, вели Релиќ.
Тој предупредува дека големи делови од регионот изумираат поради емиграцијата на населението, најмногу во правец на ЕУ, и за да се промени тоа неопходна е финансиска поддршка.
Релиќ исто така посочува дека без економско зацврстување на средната класа, не може да се очекува ниту зацврстување на владеењето на правото.
Во анализата, ФАЦ потсетува дека земјите од регионот економски се ориентирани кон ЕУ, со која остваруваат околу три четвртини од својата трговија. Од друга страна, посочува авторот, Турција, Русија и Кина, за чие влијание на Балканот честопати драматично се предупредува, не играат скоро никаква економска улога во регионот, со исклучок на Москва во енергетскиот сектор.
„Веќе никој во регионот не верува во оригиналната форма на процесот на проширување, затоа треба да бидат разгледани нови пристапи“, заклучува Мартенс.