Костадинов: Од канабис можен е годишен прилив од 250 милиони евра

„Зад нас оставивме тешка година во којашто се соочивме со светска пандемија од коронавирусот и секојдневна борба против здравствените и економски последици кои ги предизвика. Како држава навремено преземавме и сѐ уште преземаме економски и здравствени мерки и затоа успешно се справивме со предизвиците. Со 4 економски пакети вредни над 1.1 милијарда евра им помогнавме на граѓаните, на работниците, на македонските фирми, на нашето стопанството. Преку вистински и навремени економски политики помогнавме над 400.000 граѓани, спасивме над 100.00 работни места“, соопшти портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов на денешната партиска прес-конференција.

Според СДСМ, последните податоци од УЈП покажуваат сериозно заживување на економијата:

„Последниот податок од УЈП е охрабрувачки, во декември 2020 имало за 6% поголема наплата на ДДВ од декември 2019. Ова покажува сериозно заживување на економијата, и тоа во време кога се случуваше вториот најголем пик од коронавирусот кој сега е веќе зад нас. Во 2021 година како држава влегуваме со целосно стабилна финансиска состојба, ликвидна и солвентна“, истакна Костадинов.

Престојниот процес на имунизација и конечна победа над вирусот, додаде тој, се охрабрувачки процеси за нов економски напредок, за нови можности, како во светот, така и во земјава.

„Со стратешката Акција 21 европските стандарди ги носиме дома и преку нови мерки, економски политики за целосно искористување на сите економски потенцијали.

Земјоделството има голем потенцијал за државата и ако го ставиме во функција и земјоделското земјиште ќе се отворат нови можности за инвестирање, за нови работи места, домашна продукција, извозот. Со ова се очекува прилив од 200-300 милиони евра.

Во кординација со ЕУ се разгледуваат можностите за одредени погодности за ставање во функција на парите во кеш коишто сега се надвор од системот.

Со соодветни законски измени за да се спречат било какви манипулации, ресурсите од овој т.н. ‘мртов капитал’ се ставаат во функција на развојот на државата“, рече, исто така, Костадинов.

Тој се осврна и на најавениот план за легализација на канабисот:

„2021 година е година на можности, на нови економски потенцијали. Еден од нив е и канабисот како една од најдинамичните индустрии во светот. Според проценките, годишниот прилив на средства од оваа дејност е предвиден на околу 250 милиони евра“.

Како што истакна Костадинов, исполнувањето на планот „Акција 21“ претставува мотив за владата и СДСМ да работат да продолжат европските стандарди да ги спроведат во секој сегмент од секојдневното живеење.

„Економијата, подобриот животен стандард се во нашиот фокус и во оваа 2021 година“, порача портпаролот на СДСМ.

- Реклама -