„Без лажи и преваре, ни најмалку ни најмногу шпоретот го доби ќерката на нашиот градоначалник Аце!“, прогласи пејачката Цеца која ги извлекуваше наградните лозови традиционалната предновогодишна манифестација по повод денот на општината Лозово, која се одржа пред два дена во тамошниот Дом на културата. Настанот траеше 4 часа, а покрај наградната игра имаше и бенд во живо (граѓаните што го гледаа стримот можеа да порачуваат музички желби) и хумористични точки.
Откако ја прогласи за добитник, со зборовите „Повели душо, да видиме шо ќе кажат они, со среќа нека е“ водителката ја покани ќерката на градоначалникот Аце Велковски – Вероника, да каже неколку зборови по повод наградата. Таа само накратко соопшти дека шпоретот го добиле фамилијарно и дека решиле да го донираат на некое семејство на кое ќе му биде потребен, а воедно ѝ го честиташе и роденденот на општина Лозово.
„Браво, браво злато“, ја испрати водителката, па појасни дека семејството градоначалникот со фамилијата дополнително ќе одлучат на кое семејство ќе го донираат шпоретот.
А ова?
Наградна игра во Општина Лозово
“Ние фамилијарно го добивме шпоретот…” pic.twitter.com/yZntS1kS2d— Mile Lefkov (@LefkovMile) December 27, 2020
Во меѓувреме, шпоретот ги запали (no pun intended) социјалните мрежи, а посебно Твитер. Граѓаните, кои добро знаат дека во наградните игри на разни компании, на пример, не смеат да учествуваат вработени во тие компании или членови на нивните семејства, сметаат дека во случајов се работи токму за „лажи и преваре“ и дека изборот е наместен.
Градоначалникот на Лозово, пак, се брани дека граѓаните погрешно го протолкувале настанот. Во изјава за „Фокус“ тој уверува дека намерата му била да ги расположи луѓето, како и дека и да добиеле подобра награда – исто така ќе ја донирале.
„Јас имам три деца, тие живеат и учат надвор од земјава. Си дојдоа за празниците, а лозовите за наградната игра се продаваа во населбата, сите купуваа. Така, и моите деца си купија по еден лоз. Кога Вероника беше извлечена како среќен добитник, веднаш знаев што може да следува, затоа и ја пратив среде манифестација да појасни дека шпоретот ќе го донираме…
… Јас имам шпорет, што ќе ми е уште еден? И скутерот да се паднеше, и него ќе го дониравме, бидејќи некој ова го користи како негативна кампања против мене“, вели Велковски.
Тој потсетува дека веќе трета година пред празниците ги посетува сите социјално загрозени семејства и им носи пакети, и дека така и ќе продолжи. На предлозите шпоретот да ѝ го донира на Атиџе од „Медена земја“, тој одговара дека таа веќе имала шпорет, па затоа ќе го даде на друго семејство.
„Ете, тоа е чиста среќа, така се погодило, што треба да правам?“, прашува Велковски.
Граѓаните на социјалните мрежи, сепак, не се убедени. Дел од нив сметаат дека како една од понепопуларните награди, доделувањето на шпоретот е наместено за да може Велковски, со неговото донирање, да печали политички поени. Од друга страна, мора да се признае дека е наивно, па и за градоначалник, да верува дека донирање на шпорет ќе му донесе повеќе позитивни политички поени отколку што ќе му донесе негативни фактот што негова ќерка е добитник на наградна игра организирана од општината со која тој раководи. Од трета страна, и во самата манифестација немаше недостиг од фалби за „неуморниот татко на општината“:
“Драмата” со градоначалникот на Лозово не престанува!
“…вие сте на ФБ профилот на Аце Велковски..” pic.twitter.com/4sWVNLUyLY— Mile Lefkov (@LefkovMile) December 28, 2020