Во бугарските медиуми: „Смешна глоба за близок на Заеви што претепа македонски Бугарин, ете како ги третираат Бугарите во РСМ“

„Судот во Македонија им служи на тие кои се на власт. Му наложи 150 евра глоба на човекот кој ме претепа, само зашто имаше видеозапис на кој јасно се гледаше како ме напаѓа“, вели Митко Георгиев од Струмица, кој добил неколку тупаници во лицето и грбот од, како што пренесува бугарскиот „24 часа“, близок на премиерот Зоран и неговиот брат Вице Заев.

Инцидентот се случил на 21 октомври 2018 година, на улица пред колонијал во Струмица. Струмичанецот Александар Барабанов го пресретнал Георгиев и го удрил неколку пати упатувајќи му вербални закани:

„Пи*ка ти мајчина бугарска, престани да ги напаѓаш Заеви зашто ќе те утепаме, или сели се од Македонија“, пренесува „24 часа“.

„Таков е односот кон Бугарите во Македонија! Таму, за 150 евра, секој може да претепа некого! Добро е што во случајов беше зачуван видеозаписот од продавницата и судот просто не можеше да не го земе во предвид. Наложи смешно ниска глоба, дури и за помали прекршоци и хулиганство казната е поголема“, вели нападнатиот Георгиев.

Нападнатиот Георгиев, на 31 октомври 2018 година (10 дена по нападот), во гостување на бугарската БНТ (линк)

Реагираа и од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов.

„Кој е Георгиев? Познат е како македонец со бугарски чувства, но и по двете книги кои ги има издадено во Македонија, за бугарскиот карактер на тамошното население. Кој е Барабановски? Тој е македонец познат по блискоста до фамилијата Заеви. Во пресудата јасно е запишано дека тој работел како обезбедување на братот на Зоран Заев.

Тој човек претепа македонски Бугарин и сака да го исели од Македонија!

Такво е секојдневието на човек со бугарска самосвест во денешна Македонија. Ќе му пресудат на Митко Георгиев 150 евра поради тупаниците. Но тупаниците ќе продолжат. Некои ќе изгубат работа, други ќе бидат заплашувани, трети – како Георгиев – ќе бидат тепани. Ако беше ова пред половина век, ќе го изгубеа и животот. Во Македонија со децении е лесно да си било што, само не и Бугарин“, велат од партијата на Каракачанов.

Но не застануваат таму. Случајот со нападнатиот Георгиев, во соопштението, се презентира како аргумент дека никогаш Бугарија никогаш не била агресорот врз Македонија, но се поврзува и со евроинтеграцијата, како доказ дека земјава не е подготвена да започне пристапни преговори:

„За тоа време, раководената од споменатите Заеви Македонија се прикажува себе како жртва на некакво бугарско малтретирање. А малтретирањето е во сосема друг правец. И постои со децении. Прво беше од странските колонизатори во пределите на географска Македонија. Потоа од нивните комунистички и секакви други помагачи. А на крајот од политичките наследници на тие помагачи – власта во Скопје.

Денешната скопска елита ги обожува своите насилници. А Зоран Заев има историска шанса да покаже дека тоа може да се промени. Зашто самиот народ во Македонија ја сака таа промена. Од Заев денес зависи што ќе избере. Дали слободата на самоопределувањето, за кое самиот зборува овие денови. Или тупаниците врз ‘Бугарите’.

Во Европската унија, меѓутоа, тупаниците не се почитуваат. Каде се сега оние кои плачеа и ја критикуваа Бугарија дека не е европска и не ги почитувала интересите на Македонија? Каде е Хелсиншкиот комитет кој толку се грижи за правата на луѓето? Зошто не ги слушаме сега да кажат што се случува со демократијата и со правата на луѓето со бугарска самосвест во Македонија?

Во седиштето на ВМРО добиваме многу слични сигнали кои опишуваат груби нарушувања на правата на граѓаните на Република Северна Македонија кои се чувствуваат Бугари. Ние ќе ги претставиме јавно, како пред јавноста во Бугарија и државите од ЕУ, така и во РСМ“, додаваат од бугарската ВМРО-БНД.

Оваа партиска иницијатива пред некој ден ја најави и потпретседателот на партијата – бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. Тој ги повика македонските Бугари да го информираат за секоја навреда, закана или напад. Истите, вети, ќе ги актуелизира и во Европскиот парламент и ќе бара реакција за секој поединечен случај од сите европратеници и сите релевантни европски претставници.

 

- Реклама -