Чешка и Словачка не попуштаат, Бугарија осамена, Заев задоволен, но со доза горчина

Кога се чинеше дека сѐ е готово и Бугарија успеа во долгата убедувачка битка со германското претседателство да избоксува барањето за „погрешно толкување на историјата“ да биде додадено во заклучоците за Западен Балкан, сосема неочекувано, по подетална анализа на документот, бугарската победа ја расипаа Чешка и Словачка. Исходот е дека за првпат по којзнае колку време, годината ќе заврши без дипломатите на ЕУ да донесат заклучоци за проширувањето.

Сепак, како што пренесува „А1он“, според дипломатите во Брисел, нема незадоволство, туку напротив, има разбирање за ставот на Прага и Братислава. Незадоволството, секако, е резервирано за Софија.

Откако граѓаните ги прогласија Чесите и Словаците (наместо Бугарите) за свои браќа, задоволство од ветото на Чешка и Словачка изрази и премиерот Зоран Заев:

„Драго ми е што сѐ уште има европско во Европската Унија. Ова го кажувам со доза на горчина, затоа што ако некој заслужил да добие поддршка на следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Република Северна Македонија, македонскиот народ и сите наши граѓани кои живеат во нашата земја“, рече тој денеска од Пустец, соседна Албанија, каде што беше во посета на тамошните Македонци.

Премиерот, исто така, истакна дека ЕУ најмалку што смее да направи е да ги изгуби европските вредности и принципи.

„Во тој дух, се надевам дека Европа ќе продолжи да го испраќа европскиот сигнал кон нас земјите кандидати за членство во ЕУ, затоа што ние друга алтернатива немаме. Како што реков и порано, се надевам дека ЕУ нема да го изгасне светлото во мракот, за да не бидеме изгубени; затоа што таа водилка е нашата мотивација за реформите и за да бидеме подобри граѓани, да ја европеизираме државата, да го средиме правосудниот систем, да имаме сила и енергија да градиме објекти за нашите деца, да го осовремениме здравството и уште повеќе да ја подобриме инфраструктурата“, порача Заев.

За потсетување, во заедничко соопштение на Министерствата за надворешни работи на Чешка и Словачка, тие ги посочија своите причини за блокада на заклучоците. Откако во Брисел реагираа дека премногу ѝ се попушта на Бугарија, во соопштението образложија дека забелешката за фалсификување на историјата може да има сериозно застрашувачки последици по проширувањето на Унијата и да создаде потенцијал за идни проблеми. Но, исто така, порачаа и дека „нема да дозволат ЕУ да суди за нашата заедничка историја, како се самоидентификуваме или за јазикот што го користиме“ (повеќе ТУКА).

 

- Реклама -