Oткако не успеа да ја убеди Бугарија да попушти од своите позиции и да ја одржи првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија, германското претседателство доживеа уште еден неуспех со блокадата на усвојувањето на важниот текст – заклучоците за напредокот на Западен Балкан во процесот на европроширувањето – оценува германската новинска агенција dpa, пренесува „Дојче веле“.
Според dpa, ситуацијата во Брисел ја сметаат за мошне проблематична, од причина што остава простор за интересите кон Балканот на земји како Русија, Кина и Турција, но и затоа што ризикува запоставување на реформите во земјите кандидати во однос на демократијата и владеење на правото.
Според агенцијата, поради овие причини, разбирлива е фрустрацијата која вчера била присутна кај дипломатите на ЕУ, особено што ден порано амбасадорите на Чешка и Словачка се согласиле со текстот.
„Трагично е за Западен Балкан што во политиката на проширување повеќе табори во ЕУ меѓусебно се блокираат. Тоа испраќа катастрофален сигнал кон Балканот и отвора шанса за други актери“, се вели во Брисел, пренесува dpa.
И Бугарија вчера порача дека „неочекуваното вето“ од Чешка и Словачка ја „поткопувало“ довербата во ЕУ. На терен, меѓутоа, состојбата е поинаква – дали ја поткопува или враќа довербата во унијата, зависи кого ќе прашате.
Така на пример, екс-пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Илија Димовски, беше воодушевен од постапката на Чешка и Словачка. Евидентна беше и поддршката кај македонските граѓани, кои бурно ја поздравија блокадата од двете ЕУ членки (кои според одредени дипломатски извори, имаат тивка поддршка и од неколку други земји) на заклучоците поради делот за „погрешно толкување на историјата“. „Браќата“ Бугари успејаа да направат Чесите и Словаците да ни станат поблиски од нив, коментираат граѓани на Твитер.
Ваквите реакции се сосема разбирливи, особено што ветото од Бугарија веќе ни беше плеснато во лице, а во најголемиот дел од општеството, барем како што јавно е деклариран, почнувајќи од државниот врв, неспорен е консензусот дека заштитата на посебноста на идентитетот и јазикот е приоритет, макар и по цена на губење на европерспективата. Од друга страна, иако германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн убедува дека формулацијата „погрешно толкување на историјата“ ќе важела за сите, јасно е дека тоа би претставувало победа на Бугарија во уште една дипломатска битка во спорот со Македонија. Впрочем, сам дипломат од Брисел за Радио Слободна Европа „призна“ дека „заклучоците се одблокирани со тоа што е пронајдена компромисна реченица која ги задоволува бугарските барања“, а претходно и германскиот министер за Европа – Михаел Рот, оцени дека „Бугарија го држи во заложништво проширувањето на ЕУ“. Секако, во изминатиов период, Бугарија беше силно критикувана за своите „ирационални барања“ и „злоупотреба“ на наметнатиот спор со државава и од низа други важни (гео)политички фигури.
Приговорите на Чешка и Словачка, од друга страна, иако според Димовски причината е „бугаризацијата“ на Св. Кирил и Методиј, се пошироки од спорот на Македонија и Бугарија, и се однесуваат и на самите темелни вредности на ЕУ:
„Со оглед на клучната улога на овој документ и по внимателна анализа, не бевме во можност да ја дадеме нашата согласност за усвојување на нацртот. Текстот, во оваа форма, содржи елементи – вклучително и забелешката за фалсификување на историјата, кои, според нашето гледиште, би биле сериозно застрашувачки по процесот на проширување и би можеле потенцијално да донесат понатамошни компликации понатаму на патот“, порачаа во заедничкото соопштение министерствата за надворешни работи на Чешка и Словачка.
„Главната цел е и останува да биде усвојувањето на преговарачката рамка што е можно поскоро, а ние, по дополнителната анализа, веруваме дека актуелниот текст може да го комплицира нејзиното усвојување во иднина. Убедени сме дека е можно решение што ќе ги задоволи барањата на нашите колеги без да има длабоки импликации за пристапот во Унијата“, се вели во соопштението, но се додава и следново:
„Нема да дозволиме Европската унија да суди за нашата заедничка историја, како се самоидентификуваме или за јазикот што го користиме. Овие проблеми припаѓаат на двете засегнати страни, а ние сме тука да ги поддржиме со искуствата од нашиот сопствен процес на заздравување.
Понатаму, ние сме длабоко разочарани што преговарачките рамки и за Северна Македонија и за Албанија не беа одобрени“, порачаа двете министерства.
Патем, можеби вреди да се спомене и дека само два дена пред „ветото“ од двете ЕУ членки, на посета во Чешка беше министерот за надворешни работи Бујар Османи.