Заев: Ниту Владата, ниту државата, ниту нашиот народ имаат било каква вина за ветото од Бугарија

Ни Владата, ни државата, ни нашиот народ не се ни најмалку виновни за ветото од Бугарија, порача денеска премиерот Зоран Заев, на прес-конференцијата во рамки на отчетот за првите 100 дена од работењето на Владата.

Како што истакна тој, Владата застанала цврсто на ставот дека едноставно е невозможно македонскиот национален идентитет да биде предмет на преговори и дека ние не можеме да се откажеме од нашето право на самоопределување, кое е гарантирано од сите меѓународни институции и со сите меѓународни конвенции. Дека не се преговарало за идентитетот и јазикот (по)тврди и првиот вицепремиер Артан Груби, кој изрази целосна поддршка за македонската заедница по однос на спорот со Бугарија.

Според Заев, ветото од Бугарија е неоправдано. Сепак тој изрази надеж дека нанесената штета брзо ќе може да биде  надоместена. Увери дека блокадата нема да предизвика застој кај Владата во однос на внатрешните реформи, туку напротив, Владата ќе го засили темпото, продолжувајќи притоа, да бара решение со Бугарија:

„Ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот. Сега со уште повеќе верба, посветеност и единство ќе се посвететиме на градењето евроспски стандарди дома, а паралелно и остануваме целосно посветени на продолжување на разговорите со соседна Бугарија. Ние знаеме дека решенија се можни, знаат и тие. Без оглед на исходот од преговорите, ние остануваме заедно во директно партнерство со огромното мнозинство европски земји и ќе го донесеме најдоброто од секоја од нив во Северна Македонија. Европа ја носиме дома“, рече Заев.

 

Во однос на нон-пејперот што специјалниот претставник на Владата за Бугарија – Владо Бучковски, му го достави на Борисов, премиерот вели дека документот ги содржи веќе изградените позиции кои меѓусебно биле разменувани како идеи за решение на отворените прашања. Според Заев, документот се однесува на појаснување дека скратената верзија на државното име „Северна Македонија“ не претставува територијална претензија и дека нашата држава не се меша во внатрешните работи на соседна Бугарија. Тој потврди дека ќе продолжи размената на „идеи“:

„Тоа се размена на идеи коишто постојано ги даваме, и ќе продолжиме да ги даваме сѐ додека не ги надминеме проблемите и пречките коишто од страна на Бугарија се испречија на нашата европска интеграција. Тука е Акциониот план којшто е изработен заедно министерот за надворешни работи, со потпретседателот на Владата за европски прашања, и со Канцеларијата на претседателот на Владата, како дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија“, рече Заев.

Според него, немало прекршување на Договорот за добрососедство, освен можеби побавна динамика. Но, такви примери има и од бугарска страна, истакна тој.

 

 

- Реклама -