Не им е во еуропејскиот сојуз, ама Македонија и натаму секојдневно е во мислите на Бугарија. Така, денеска земјава беше главна тема и на онлајн конференцијата „Западен Балкан“, организирана од европратеникот Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД на Каракачанов, на која учествуваше и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.
„Бугарија отсекогаш била еден од најсилните поддржувачи на европската перспектива на земјите од Западен Балкан“, по којзнае кој пат повтори вицепремиерката. Таа потсети на постојаната поддршка од Бугарија за земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека пристапувањето е билатерален процес и земјите од регионот мора да вложат максимални напори да се приближат до вредностите на ЕУ, така што тие да станат клучен дел од нивната политика и основен принцип во нивните реформи. Таа увери дека поддршката за земјите од Западен Балкан ќе продолжи, но истовремено потсети и дека таа поддршка никогаш не била безусловна.
„Инсистираме на тоа да развиваме добрососедски односи – како меѓусебно со земјите од ЕУ, така и со земјите од Западен Балкан. За жал, ќе забележам дека Република Северна Македонија не ги ценеше нашите пријателски и добронамерни активности и ги игнорираше нашите предупредувања во однос на непочитување, од нивна страна, на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, рече Захариева.
„Поради тој факт, бевме принудени да не го одобриме текстот на нацртот на преговарачката рамка за Република Северна Македонија, но ѝ покрај сѐ остануваме со надеж, остануваме отворени за конструктивен дијалог и веруваме дека заедно со колегите од Скопје ќе најдеме излез од оваа ситуација“, додаде таа.
Според Захариева, до излезот ќе биде полесно да се стигна откако ќе се смират емоциите и ќе се намали „говорот на омраза“ кон Бугарија, кој во последните неколку месеци, тврди таа, е на ниво високо без преседан.
Шефицата на бугарската дипломатија го заврши обраќањето со „лекција“ за тоа колку е важно пријателството:
„2020-та е една од најтешките години со кои се соочило човештвото и се надевам дека нѐ научи една важна лекција – дека довербата, солидарноста и пријателството се основата врз која треба да ги градиме нашите односи, а сме толку взаемно поврзани што нема како да ги надминеме тешките предизвици без да ја имаме таа тесна соработка“.