Лидерска средба за прашањето со Бугарија не е потребна не само затоа што ќе резултира со многу контрапродуктивно јуначење, перчење со национализам и обвинувања за предавства, а државата „ќе си остане на опашката, тука, да си чека“, туку и затоа што што ниту политичките партии, ниту лидерите на партиите, немаат легитимитет да разговараат за било што што е за државата и народот важно, истакна премиерот Зоран Заев вчера во „Топ Тема“ на „Телма“, прашан зошто не се донесе еден документ, на лидерска средба или во Собранието, за да имаме „црно на бело“ поставени црвени линии и граѓаните да немаат причина да се вознемирени кога со Бугарија се преговара дека нешто се „продава“ од националните интереси.
Во демократијата, легитимитет и мандат имаат институциите – парламентот, претседателот, Владата, и треба тие да се остават на крајот да решаваат дали нешто бива или не. Токму затоа така е и поставен системот, додаде Заев, потенцирајќи дека на крајот решава парламентот; притоа наведувајќи го примерот со Бугарија – дека ако пратениците не дадеа поддршка, залудни ќе беа и преговорите и самото потпишување на Договорот на добрососедство од страна на Заев и Борисов.
Премиерот се согласи дека таков документ би ги смирил граѓаните, но истакна дека „ако однапред ги исцртате црвените линии, вие и немате за што да разговарате со креативноста на разговарањата притоа чувајќи ги светите линии, она што е наша посебност, наши чувства и слично“.
Потврдувајќи ја констатацијата на новинарот дали всушност сака да каже дека црвени линии би го ограничиле просторот за креативно преговарање, Заев додаде:
„Завршуваат преговорите. Лесно им е на земјите коишто се внатре на топлото. Ние сме сѐ уште надвор на ладното и сакаме да влеземе внатре. Затоа треба да се остават сите алатки на разговорите и преговарањето“.
Сепак, Заев „смирува“:
„Никогаш порано не бил како денеска заштитен македонскиот јазик, македонскиот народ и нашиот македонски идентитет. Тоа се постигна доминантно низ афирмацијата на преговорите за Преспа, со Бугарија и денеска со личната карта која што ја имаме во ООН. Кога се зборело толку за Македонци, за македонски јазик и слично? Никојпат. И плус, сѐ тоа е загарантирано.
Втората важна работа е што го дава комплетниот модалитет да разговарате за решенија коишто се решенија на проблемот, а притоа, секако, не ги загрозуваат институциите. Треба да се вратите дома и да поминете, што и да сте договориле, низ Влада, низ парламент, претседател на државата указ да ви потпише или слично… И низ народот наш, на крајот! Во демократијата, последниот збор го има народот“, истакна Заев.
Ние мораме да грабиме напред, и тоа како Македонци со македонски јазик. И тоа го правиме. Ние денес сме Македонци кои зборат македонски јазик и сме членка на НАТО. Ние ќе бидеме Европејци, земјата ќе ни биде членка на ЕУ и ќе бидеме Македонци кои што зборуваат македонски јазик. И таа цел ја постигаме, за разлика од сите претходни 27 години кога не сме ја постигале. Во тоа време, кога не сме ги постигнале тие цели, беа под голем прашалник нашиот идентитет и нашиот јазик, отколку сега кога ги исполнуваме целите“, рече Заев.