Блокадата од Бугарија треба да се гледа како пречка што треба да нѐ мобилизира и реорганизира, а не обратното, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи, по положувањето свежо цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во НУБ „Св. Климент Охридски“.
Според него, треба веднаш да се продолжи со начините за враќање на довербата во процесот и надминување на оваа пречка.
„Нема алтернатива од европскиот пат. Нема алтернатива од добрососедските односи. Ние ќе продолжиме уште од денеска да работиме со Република Бугарија, бидејќи денес е Република Бугарија, утре ќе биде друга земја членка која ќе спори за друго прашање. Ние мора да навикнеме дека овој процес бара многу разговори, бара многу дипломатија, бара упорност и не смее да има откажување во ниту еден момент во процесот“, потенцираше Османи.
Тој увери дека дипломатијата ќе продолжи и дека државата ќе стигне до крајната цел – членство и во ЕУ, покрај НАТО, бидејќи, како што рече, тоа е перспективата што граѓаните го очекуваат.
Апсолутно никој во моментов не размислува за откажување или за некаква алтернатива, истакна шефот на дипломатијата, додавајќи дека на пречките на патот не смее да се гледа како на непробивни ѕидови.
„Ова е една пречка на патот која што ќе ја надминеме многу брзо“, порача Османи. Повеќе ТУКА.