Кинотеката организира ревија филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов на 9, 10 и 11 декември во кинотечната сала. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови СО КРЕНАТИ РАЦЕ (креативен документарец) и ЛИВАДА (игран), долгометражниот документарец ЗЕМЈАЦИ и долгометражните играни филмови ВОЈНАТА ЗАВРШИ и СВЕДОК (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм).
Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.
Митко Панов (Скопје, 17.04.1963) студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во период од 1983 – 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на бројни телевизиски станици како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „ЛЕБ И СОЛ“ е снимен 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години…
Митко Панов со неговиот студентски филм СО КРЕНАТИ РАЦЕ (во полска продукција),снимен во 1985 година, е сосема нетипичен изданок. Тој филм по шест години, во 1991-та, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен,Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна.
За краткиот документарец БЕРИЌЕТ (кој е дел од трилогијата ЧОВЕКОТ И ТРУДОТ) во 1995 на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет) доби Гран При за режија.
Панов со децени предава филм на Универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин (Steve McQueen) од Англија, оскаровец со филмот12 ГОДИНИ РОПСТВО (12 Years a Slave, 2014) и еден од најуспешните режисери последнава деценија во светот.
Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон…
9 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.
СО КРЕНАТИ РАЦЕ (Z podniesionymi rekami / With raised hands)
Документарен филм, Полска – 1985, 6 минути, црно-бел
Режија: Митко Панов
Сценарио: Митко Панов
Улоги: Јарослав Дунај, Кшиштоф Франио, Моника Мозер (Jaroslaw Dunaj, Krzysztof Franio, Monika Mozer)
Вистинита приказна за холокаусот, фиктивна ре-креација на еден вистински настан: депортацијата на Евреите од Варшавското гето во април 1943 година. Филмот ги замислува моментите пред и по снимањето на познатата фотографија од Втората светска војна, на која се жена и дете со кренати раце, дел од бројните жртви Евреи во Полска за време на Втората светска војна…
СО КРЕНАТИ РАЦЕ е студентски филм на Митко Панов, снимен во полска продукција, и освои повеќе меѓународни награди вклучувајки ја и „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм во Кан 1991. Награден и на фестивалите во Минхен, Краков, Тел Авив, Римини и Монте Касино.
ЛИВАДА (Meadow)
Игран филм, Македонија – 1998, 20 минути, колор
Режија: Митко Панов
Сценарио: Русомир Богдановски, Митко Панов (Според расказот „Порта на одморот“ на Русомир Богдановски)
Улоги: Јосиф Јосифовски, Мето Јовановски
Приказна за пријателството помеѓу два лика кои очигледно многу се разликуваат. Едниот е доктор, христијанин, додека другиот е селанец, муслиман. И на едниот и на другиот работата им е сè. Кога поради здраствени проблеми селанецот не ќе може повеќе да ја коси ливадата, тој одлучува и покрај противењето на докторот да го стори тоа. Косењето на ливадата е кобно за селанецот кој умира. Косењето на ливадата го завршува докторот.
ЛИВАДА ја доби специјалната награда од жирито на Меѓународниот фестивал на краткометражен филм во Клермон-Феран, Франција, 2000, и беше прогласен за најдобар филм на Балканот на Фестивал на краткометражен филм во Драма, Грција, 2000.
ЗЕМЈАЦИ (Comrades)
Документарен филм, САД/Македонија – 2000, 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Митко Панов (MitkoPanov)
Сценарио: Митко Панов (MitkoPanov)
Документарен филм за бесмисленоста, жестокоста и еродирањето на животот на поединецот по и за време на граѓанската војна во некогашна СФР Југославија во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Што може да ги натера најдобрите другари да станат „најдобри“ непријатели и да се гледаат низ нишанот на пушките? ЗЕМЈАЦИ е познат и под насловот ДРУГАРИ (Comrades).
Авторот Панов доаѓа во родната Македонија и 15 години по завршување на служењето на воениот рок во некогашната Југословенска народна армија (ЈНА) во Велес (тогаш Титов) решава да ги посети неговите некогашни војнички другари, а сето тоа да го забележи во видеокамера. Мислел дека таа негова мисија ќе ја заврши за време на летниот распуст од неговите обврски како професор во САД: снимањето на ЗЕМЈАЦИ траело 4 години, Панов со камерата ги посетува војничките другари во неколку градови во некогашна Југославија, каде што војната трае, но и низ Европа, каде што некои емигрирале…
ЗЕМЈАЦИ учествуваше на филмските фестивали Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија (САД), XSW – Југ-Југозапад, Остин, Тексас (САД), Скопје филм фестивал, Филмски фестивал Мотовун, Хрватска…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез