Бугарите бараат „македонска историја“ да биде „историја на Северна Македонија“, Заев вели дека погрешно ја толкуваат придавката

Бугарија, поконкретно бугарскиот дел од заедничката комисија за историски прашања, бара да не се користи придавката „македонска историја“ туку да се користи „историја на Северна Македонија“, потврди премиерот Зоран Заев во интервјуто за радио „Канал 77“.

За оспорувањето на бугарската страна на придавката „македонски“ во работата на заедничката комисија, меѓу првите проговори вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за „Дер Стандард“. Тоа се потврди на вчерашната заедничка прес-конференција на копретседавачот на македонскиот дел – Драги Ѓоргиев и на бугарскиот дел од комисијата – Ангел Димитров, а стана јасно и дека бугарската страна тоа се обидува да го постигне преку поинакво толкување на одредени точки од Преспанскиот договор.

Бугарскиот историчар Димитров обвини дека македонскиот дел од комисијата зазел нова позиција да не ги потпишува записниците каде што јазикот не е наведен како „македонски“. Ѓоргиев, пак, посочи дека бугарската страна еднострано решила да практикува нова формулација, почнувајќи од шестата средба, без за тоа да ја извести македонската страна. Како што објасни Ѓоргиев, тие позицијата ја темелат на свое толкување на Преспанскиот договор според кое практично целосно се лимитира употребата на придавката, а е различно од толкувањето на македонска страна. Ангел Димитров, пак, негираше дека Бугарија има поинакво толкување и рече дека имало утврдена формула која работела, но потоа прочита нота на македонското МНР испратена до ООН, во која се вели:

„Реферирањето со придавката кон државата, нејзините официјални органи и други јавни институции, како и кон приватни институции и субјекти кои се поврзани со државата, се создадени со закон и добиваат финансии од државата за дејности во странство, треба да бидат во соодветсво со официјалното име на држава и нејзиното име ‘од/на Северна Македонија“.

Димитров практично го цитираше Членот 1 / Став 3ѓ од Преспанскиот договор, што е прилично иронично, затоа што во истиот, во Став 3в, пишува дека „официјалниот јазик на Втората страна ќе биде ‘македонски јазик’, како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба“.

Во интервјуто, Заев го поправи водителот, кој констатираше дека врз основа на ова, излегува дека ако придавката е во таков контекст, Бугарите се во право кога ја оспоруваат придавката. Премиерот е категоричен дека тоа не може да биде вистинскиот проблем за непостигнувањето резултати на комисијата:

„Придавката не е во тој контекст во којшто Бугарите зборуваат“, рече Заев, посочувајќи дека погоре цитираниот дел се однесува само на институциите – на пример, македонска влада треба да е „Влада на Северна Македонија“, но тоа не важи и за јазикот, во конкретниов случај:

„Апсолутно тоа не е проблемот. Секако, употребата на ‘македонската’, ‘македонското’, ‘Македонецот’, ‘македонските’ – тоа не е спорно. И кога зборувате за македонските учебници, кога зборувате за македонската историја, кога зборувате за Македонски Брод… Да, тие инсистираат секаде да биде ‘историјата на Северна Македонија’. Тоа во делот на Комисијата, пред сѐ  политички е решено тоа прашање кај нас. Историчарите веројатно и од бугарска страна треба да ги добијат насоките, што значи дека тоа е идентитетско прашање, а не институционално прашање. Треба да бидат информирани затоа што тоа е решено прашање. Сето тоа што е идентитетска придавка е идентитетска придавка. Бугарија ја признава реалноста, сегашноста итн. и кога се користи идентитетската придавка, таа е применлива и не е спорно прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија. Така што, ова прашање треба да биде до крај решено“, истакна Заев, додавајќи дека смета дека проблемите во комисијата се однесуваат на посуштинските прашања, оние од историјата.

 

- Реклама -