Заев: Европа ни се чуди на бесмислените формулации како „јазик согласно Устав“, бараме од Бугарија да употребува само „македонски јазик“

Во преговорите со Бугарија, за македонскиот јазик и македонскиот народ се разговара единствено поради барањата на македонската страна да се исфрли од употреба формулацијата (на која инсистира Бугарија) „согласно Уставот“ и да се користи едноставно „македонски јазик“, тврди премиерот Зоран Заев во интервјуто во емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“.

„Наше барање од Бугарија е да престанеме со оваа бесмислена билатерална формулација – ‘бугарски јазик согласно Уставот на Бугарија / македонски јазик согласно Уставот на Северна Македонија’, затоа што тоа е бугарски јазик и е македонски јазик. Навистина, Европа се чуди на ваквите формулации, посебно на две пријателски земји. Така што, кога се разговара за македонскиот јазик и македонскиот народ е единствено поради нашето барање да, конечно, од Спогодбата во 1999-та потврдена во 2017 година, да се откажеме двете страни и да го користиме чисто ‘македонски јазик’, затоа што пријателите најмалку што треба да направат е токму тоа“, рече Заев.

Според него, и во 2017-та македонската страна инсистирала во Договорот за добрососедство со Бугарија да се поправи оваа формулација од Спогодбата во ’99-та, но Бугарија тоа не го прифатила (во Договорот и двата јазика се формулирани ‘согласно Уставот’):

Принтскрин

„Знаете дека ние многу често и во нашата официјална кореспонденција и јавни настапи користиме ‘бугарски јазик’. Заради билатералната и реципроцитетна поставеност тоа го користиме во самите договори и пишани документи, изразуваме акт на пријателство. Бугарија тогаш кога го потпишавме Договорот имаше храброст да потпише ‘двата народи’, ‘двата јазици’, верувајќи дека низ времето, нормално, ќе се направат овие исчекори, затоа што навистина е европска вредност, универзално човеково право, наше право на самоопределување, како што е право на самоопределување на сите народи и нации. Тоа е нешто што, гледате, не се ни преговарало, ни со Договорот со Грција ниту било како, затоа што е чувство, е филинг, како се осеќаме. Мене ми е драго што еве денеска една официјална Грција, без разлика дали на претходната или сегашната власт, за нив постои една Северна Македонија во којашто живеат Македонци што зборуваат македонски јазик и една грчка Македонија. Јас очекувам од страна на Бугарија да се користи чисто ‘македонски јазик’, затоа што тоа е нашиот јазик. Ние сме Македонци што зборуваме македонски јазик“, истакна Заев.

Тој потврди дека имало примери кога бугарската страна „промашила“ да ја употреби формулацијата „согласно Уставот“, како што било случај во ’93-та и ’95-та година, што, според него, само по себе покажува дека Бугарија формулацијата ја користи како алатка за постигнување на нешто друго.

„Што и да е тоа друго – треба да се разговара. Затоа што ова, како што гледаме, ги повредува чувствата на нашите граѓани. Би ги повредувало и на бугарските граѓани ако некој така се поставува“, додаде Заев. „Мене ми е драго што премиерот Бојко Борисов скоро на секоја средба или заедничка прес-конференција зборува за македонскиот народ, спомнува ‘македонскиот јазик’, беше овде во Монопол кадешто се поклонивме на Евреите жртви на Холокаустот – и во едни такви околности тој го спомна македонскиот народ, на прес-конференции во Бугарија, во Северна Македонија што сме ги држеле. Голем дел и од граѓаните, еве сите имаме пријатели во Бугарија, зборуваат за Македонци, македонски јазик, и затоа една горчина постои – зошто сѐ уште официјална Бугарија преку официјалните институции да го употребува вака ‘согласно Устав’. Знаете како, согласно Устав се сите наши и јазици и определби и народби во нашиот Устав, покрај македонскиот народ, нели, постојат и другите народи коишто се граѓани на оваа наша заедничка земја. Така што, навистина, за мене како човек со европски погледи и човек којшто верува во европските вредности, навистина е бесмислено и мислам дека треба да се направи тој исчекор“, истакна премиерот.

- Реклама -