Со 1.196 наспроти 213, односно со 85% од гласовите наспроти тие на неговиот опонент, Адолф Хитлер победи на локални изборите во Намибија и стана советник во поранешна германска колонија во јужна Африка.
Г-ин Хитлер, меѓутоа, уверува дека нема никакви амбиции да завладее со светот и дека нема ништо заедничко со идеологијата на Нацистите. И навистина, намибискиот политичар од владејачката Swapo (South West Africa People’s Organisation) всушност го носи полното име Адолф Хитлер Унона. Во разговор со германскиот таблоид „Билд“, тој објаснува дека контроверзното име и презиме му го дал неговиот татко, кој веројатно не знаел што тоа означува и дека истото го носел и „некојси“ глобално омразен фирер кој умрел во 1945 година.
Политичарот, кој со победата на изборите стана советник во Ошана, вели дека немал проблем со своето име и презиме додека растел, но тоа се сменило во тинејџерските години кога всушност научил од каде истото доаѓа. Иако преферира да го користи презимето Унона, сите околу него го ословуваат со Адолф, вклучително и жена му.
Прашан од „Билд“ зошто не го промени името, Адолф одговара дека сега е предоцна – со тоа негово име фигурира во сите официјални документи. Притоа, потенцира дека сепак нема намера да ја поробува Ошана.
Што се однесува до Намибија, таму сѐ уште има заедници кои зборуваат на германски јазик, остаток од колонијалното минато, кои секоја година, патем, ги посетуваат околу 120 илјади Германци.
Официјален Берлин, пак, не крие дека сѐ уште има „специјална одговорност“ кон Намибија поради тоа „споделено колонијално минато“. Имено, во периодот од 1904 до 1908 година, при задушувањето на револтот, германските војници убиле околу 65 илјади припадници на племето Херео и околу 10 илјади припадници на племето Нама. Регионот се избори за слобода против Германците на крајот на Првата светска војна.