Екс-полицајката Ангелеска откри како се удрила од „пајакот“ во инцидентот со Асани

Полициската службеничка Јасмина Ангелеска (Јаначкова), која денеска на Фејсбук соопшти дека веќе нема да работи во Министерството за внатрешни работи и притоа упати остри критики за целокупниот хаос во истото, за „Плусинфо“ потврдува дека причината за нејзиното заминување не е инцидентот со Бекир Асани кај „Мавровка“ по кој ја запозна јавноста, туку генералната слика во институцијата која прилично детално ја опиша во постот.

Во разговорот со „Плусинфо“, Ангелеска додава дека не е партиски определена и дека (и поради тоа) не гледала можност во блиска иднина нештата во министерството да се сменат на подобро.

Исто така, прашана за инцидентот кај „Мавровка“ (кога македонските социјални мрежи ја прогласија за херој поради пишаната казна на висок функционер), Ангелеска открива како се здобила со полесната „повреда“ при интервенцијата:

„Не бев удрена ниту нападната, мене ме повреди тоа што кога повикав помош 30 колеги стоеја, а ниту еден не го легитимираше или да го приведеше. Тогаш од револт удрив во вратата на камионот од ‘Пајак’ службата зашто се осетив сама. Тој излезе од кафеаната со 10 други негови луѓе, а јас бев сама со колега, затоа повикав помош. Ама, колегите дојдоа само да видат какво е времето или колку е саатот“, раскажува таа.

Како награда за 17-те години неселективно работење (вклучително и во случајот со Асани и други како него), коментира саркастично Ангелеска, една година по инцидентот кај „Мавровка“ била прераспределена во полициската станица во Драчево.

По отказот, открива поранешната полициска службеничка, таа сѐ уште нема работа, но оптимист е дека на следното работно место трудот ќе ѝ биде вреднуван. Целиот разговор прочитајте го ТУКА.

За потсетување, и по разговорот со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, непосредно по инцидентот, Ангелеска беше категорична дека немало физички контакт.

„Постои видеодокументација од надзорните камери, се гледа целиот настан. Не можам да го лажам министерот за внатрешни работи затоа што тогаш би подлежела и под кривична одговрност. Однесувањето на лицето беше премногу вулгарно и доколку имало напад, никогаш не би го толерирала, без разлика што би се случило понатаму. Не знаев кој беше човекот, но не ме ни интересира. Немав физички контакт со него, а од кафеана излегоа пријатели што го тргаа настрана и му викаа: ‘Немој, не ја тепај’. Во тој момент ја зедов радиоврската и повикав засилување со цел да превенирам да не дојде до такво нешто. Кога се свртев, раката ја удрив од пајак-возилото. Немав сериозни повреди, само се удрив од возилото“, изјави тогаш полицајката за „Макфакс“, додавајќи дека прегледот во болница бил превентивен и лекарите утврдиле дека нема никакви повреди.

За професионалното постапување во случајот кај „Мавровка“, Спасовки лично ѝ оддаде признание и ги охрабри и останатите полициски службеници да го следат нејзиниот пример и да работат неселективно и согласно законските овластувања.

- Реклама -