Плевнелиев: Ако Заев пропушти да склучи зделка со Борисов, може да биде загрозена дури и територијалната целовитост на РС Македонија

„Пред 25 години, политичкото раководство во Скопје избра погрешен пристап кога реши да се конфронтира со Грција. Како резултат на тоа, во 1995 година Грција пред ООН го претстави привременото име БЈРМ и ја остави таа држава далеку од интеграцијата во ЕУ и НАТО во следните 23 години. Тоа беше историска грешка на раководството во Скопје, што избраа да се конфронтираат со држава членка на ЕУ/НАТО, заборавајќи дека основоположничките принципи на тие големи организации се токму обратните – консензус, компромис, добрососедски односи, поуки од историјата. Ако тогаш во Скопје избереа компромис и соработуваа со Грција, Република Северна Македонија ќе влезеше во ЕУ заедно со Бугарија, Романија или Хрватска, ако не и порано.

Денес лидерите на Република Северна Македонија се исправени пред истата дилема – да се конфронтираат или да соработуваат со Бугарија, друга земја членка на ЕУ/НАТО“, пишува во анализата за бугарскиот портал „24 часа“ поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев (2012 – 2017).

Според него, „големата драма“ на владата на РС Македонија не е Бугарија, туку прво – наследството и идеологијата на комунистичкиот диктатор Тито, поткрепена од силно српско-руско влијание, и второ – идејата за Голема Албанија која, според Плевнелиев, е фиксирана во свеста на Албанците во Северна Македонија.

„Ова второто е навистина големиот проблем и тој може да биде разрешен само ако Република Северна Македонија и Албанија преговараат и се приклучат во ЕУ заедно“, оценува тој.

„Но Албанија денес е понапредна и работи засилено на подготвување за започнување на преговорите. Албанија го осуди комунистичкиот режим, ги отвори архивите на комунистичките тајни служби, ги смени учебниците според неманипулираната историја за комунистичката диктатура, додека во Република Северна Македонија, во Србија и во Русија Тито и Сталин се прифатени како херои, а архивите на комунистичките тајни служби остануваат недопрени, како и учебниците.

Во Албанија спроведоа фер национален попис на населението и како резултат го гарантираа постоењето и правата на различните малцинства, вклучително и на бугарското малцинство. Во Република Северна Македонија сè уште немаме фер национален попис на населението по однос на сите етнички малцинства. Република Северна Македонија продолжува да негира дека има граѓани со бугарско етничко потекло, наспроти фактот што повеќе од 100 илјади граѓани на Република Северна Македонија поседуваат бугарски пасоши откако го докажале своето бугарско потекло“, пишува Плевнелиев.

Македонската влада не треба да инсистира на македонско малцинство во Бугарија, вели, од друга страна, поранешниот бугарски претседател.

„Раководството во Скопје не треба да очекува дека под меѓународен притисок Бугарија ќе се откаже од својата богата историја. Не е добар план премиерот Заев да продолжи да инсистира на македонско малцинство во Бугарија, во најмала рака затоа што такво никогаш не постоело. Во Скопје се лути што Бугарија нема да ги признае нивниот идентитет и јазик. Тоа не е вистина. Бугарија декларира дека ја прифаќа денешната статус кво состојба – дека луѓето од Република Северна Македонија можат да ги нарекуваат својот јазик и национален идентитет како сакаат и тоа е нивно право.

Од другата страна на границата, во Софија сме длабоко разочарани од Скопје, со основана причина. Договорот за добрососедство не ги дава очекуваните резултати, целосно поради она што го прави и она што не го прави Скопје. Нема промена во пристапот кон историјата, нема промена во учебниците, говорот на омраза кон Бугарија и дискриминацијата на граѓаните од Република Северна Македонија со бугарско потекло ја има насекаде и може да се види и денес. Општествениот приказ, внимателно дизајниран уште од времето на Тито, е: ‘Бугарите се Татари, фашисти и окупатори’, што е сè друго, но не и добар сосед и доверлив пријател и сојузник. Бугарското општество е силно вознемирено од тековните обиди на владата на Република Северна Македонија да финансира и поддржи кампања, која потекнува од времето на Тито, насочена кон наметнување на вештачко ‘македонско малцинство’ во Бугарија, кое историски никогаш не постоело“, тврди Плевнелиев.

Од друга страна, она што Бугарија го бара е целосно основано на европските вредности и принципи и на никаков начин не им противречи, оценува тој, додавајќи дека бугарската позиција е поддржана од сите политички партии во Бугарија, од владата, од претседателот и од народот на Бугарија.

„Бугарија сака Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија навистина да започне да се применува и да донесе резултати. Бугарија е вознемирена што Декларацијата за добрососедски односи, потпишана во 1999 година, беше еднострано раскината на парчиња од режимот на Груевски и воопшто не проработи. Бугарија е загрижена од илјадниците судбини на граѓани на Република Северна Македонија кои низ децениите се прогонувани, бркани од работа и дискриминирани поради своето бугарско потекло. Нема како бугарското општество да се согласи со фактот дека половината од царевите и неговите народните херои се прогласени за ‘македонски’. Дента кога бев избран за претседател на Бугарија, сите големи медиуми во Скопје напишаа дека Бугарите избрале Македонец за претседател.

Во искрен разговор со претседателот на Македонија – Ѓорге Иванов, бев шокиран кога разбрав дека тој навистина верува дека дедо ми е Македонец. Тој ме обвини дека сум го заборавил наследството на моите дедовци, за кои отворено веруваше дека се ‘Македонци’. Тешко е да се разбере таквото ирационално однесување, но јас лично сум бил сведок на тоа“, тврди поранешниот бугарски претседател во текстот.

Според Плевнелиев, постои добро и постои лошо сценарио во односите меѓу двете држави.

„Лошото сценарио е доколку раководството во Скопје одлучи дека победничката стратегија е да продолжи да се претставува како жртва на Грција во минатото и на Бугарија денес. Тие ќе организираат кампањи, ќе лобираат, како што прават последните 30 години, но ќе загубат драгоцено време за неопходните длабоки реформи.

Status quo-то ќе работи само за Србија и Русија, кои продолжуваат да насадуваат антибугарски расположенија и да исцртуваат линии на поделба во Република Северна Македонија. За разлика од Скопје, Тирана ќе продолжи со својата реформска агенда. Доколку Република Северна Македонија премногу заостане во споредба со Албанија во процесот на евроинтеграција, тоа може да предизвика голем проблем што може да ја доведе во прашање дури и нејзината територијална целовитост, што би било недопустливо за демократскиот свет. Ако премиерот Заев го пропушти моментот на склучување зделка со премиерот Борисов сега, следната година ќе биде потешка, бидејќи постои веројатност во Бугарија да има нова влада од леви и десни популисти како Нинова, Слави Трифонов, Маја Манолова и други под капата на претседателот популист Радев, кој веќе јавно повика на запирање на процесот на интеграција на Република Северна Македонија сѐ додека не се постигне јасно обврзувачки билатерален договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за расчистување на сите билатерални прашања.

Доброто сценарио е премиерот Заев да започне длабоки реформи, воведувајќи ги европските вредности и принципи насекаде – во политиката во земјата, во институциите, во учебниците, во тајните служби, во општеството, во пристапот кон историјата.

Бидејќи Република Северна Македонија сака да влезе во ЕУ, сега ќе мора да го отвори патот за владеење на правото – вклучително и на Договорот со Бугарија, поврзаноста – вклучително и Коридорот 8, за човековите и малцинските права – вклучително и на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско потекло. Вистината за историјата, а не манипулираната историја, е здравата основа за едукација на следните генерации граѓани на Република Северна Македонија и треба да влезе во нивните учебници наскоро, ако не веднаш.

Добар почеток ќе биде ако премиерот Заев и премиерот Борисов продолжат да разговараат, да преговараат и да прават компромиси. Заев мора да покаже добра волја со елиминирање на вештачкото прашање за ‘македонското малцинство’ во Бугарија. Премиерот Борисов мора да ја прифати статус кво состојбата каква што е денес во Република Северна Македонија. Комисијата за историски прашања може да биде проширена со реномирани историчари од Европа, за брзо да започне да дава објективни резултати. Премиерот Заев мора да започне длабоки реформи, вклучително и промена на учебници, отворање на архивите на комунистичките тајни служби, организирање фер национален попис кој ќе ја покаже реалноста во однос на различните верски и малцински групи и ќе ги арантира нивните права. Доколку Република Северна Македонија даде гаранции и јасен ангажман по однос на наведените прашања, прифаќајќи ја рамката за преговори предложена од бугарската влада во дијалог со германското претседателство со ЕУ, вратата за почеток на преговорите за членство во ЕУ може да се отвори уште во декември“, пишува Плевнелиев.

Понатаму во текстот, тој посочува дека уште во 2012 година, кога бил претседател, предупредувал, вклучително и македонската страна, дека Бугарија нема да даде безусловна поддршка:

„Како шеф на државата, уште во 2012 година објавив нов пристап во нашите односи со тогаш БЈРМ, не романтичен – туку прагматичен.

На средба во мојот кабинет со комесарот за европроширување Штефан Филе, многу јасно ставив до знаење дека Бугарија не може да ѝ даде на Македонија безусловна карта за нејзиниот пат кон ЕУ и дека е време властите во Скопје да сопрат со антибугарскиот говор, со замена на историските факти и да се заложат за добрососедските односи. Низ годините на мојот мандат систематски им го објаснував на европските и светските лидери проблемот межу Софија и Скопје, така што денес никој во Брисел и во европските престолнини не може да е изненаден.

Народот на Република Северна Македонија има резервирано место во ЕУ, но не и идеологијата и наследството на Тито и Сталин, ниту говорот на омразата, ниту историските манипулации. Тоа е млада држава и млада нација. Сите им посакуваме добро, но треба да си го напишат домашното, да гарантиират дека европските вредности, а не штетните идеологии од минатото, ќе го поплочат патот кон европската интеграција. Се надевам дека премиерот Заев ќе го избере правилниот пат (членство во ЕУ) и правилниот пристап (соработка, постигнување на консензус, владеење на правото, историско помирување, добрососедски односи, поврзаност) за да успее.

Неопходни се политичка коректност базирана на европските вредности и длабоки реформи. Софија треба да разбере дека позитивните резултати нема да дојдат сега и веднаш, но ако ги добие соодветните гаранции, ќе треба да даде шанса.

Зашто вистина е и обратното, ако Република Северна Македонија биде запрена и драстично забави по патот на европската интеграција, тоа целосно им служи на интересите на Србија, Русија, Турција и други, и ја ризикува кревката стабилност на Западниот Балкан. Со тоа Бугарија ризикува да биде неразбрана на ниво на ЕУ и НАТО, да застане одново на грешната страна на геополитичката шаховска табла со тешки последици за нас.

Бугарија има стратешки интерес за мир и стабилност околу своите граници, вклучително и со Република Северна Македонија. Тоа може да се постигне само доколку Република Северна Македонија целосно се интегрира во ЕУ и НАТО. Колку побрзо се случи ова, толку подобро“, порачува Плевнелиев.

Во анализата, тој потсетува и дека Бугарија, кога ги започна преговорите со ЕУ во 1999 година, била многу понеподготвена отколку што е Македонија денес, во најмала рака, како што вели, затоа што Република Северна Македонија е членка на НАТО.

„Нас тогаш ни дадоа шанса и тоа беше во целост геополитичко решение, со замижување пред многу повеќе несовршености што ги имаше Бугарија на датумот на почеток на преговорите, отколку што Република Северна Македонија ги има денес“, потсетува тој.

Според него, односите меѓу Софија и Скопје треба под итно да деескалираат, со одлучен обид од двете страни, со посредство на германското претседателство, да се тргне ветото, откако ќе се дадат соодветните гаранции за тоа.

„Се наоѓаме во историски момент. Бугарија ја носи својата голема одговорност за случувањата во регионот. Решенијата коишто ќе се донесат следната седмица во Софија, Скопје, Берлин и Брисел, со сигурност ќе ја променат насоката во која ќе се развиваат настаните. Се надевам дека ќе е за добро. Посакувам успех“, заклучува Плевнелиев, кој воедно е и член на таканаречениот Охридски клуб – неформална организација на влијателни светски политичари кои важат, барем декларативно, за искрени пријатели на Македонија.

- Реклама -