Ковачев: Ние се бориме за нивното право на самоопределување, многу ми е тешко кога министри во Скопје велат дека сме го негирале

„За што можеме ние да направиме компромис – да кажеме дека Гоце Делчев бил половина Бугарин и имал растројство на личноста? Ние го дадовме најдобриот возможен предлог за да немаме никакви проблеми понатаму ниту во сегашноста, ниту во иднината, за да сме најблиски, да си помагаме во сѐ – како Германија и Австрија, како Грција и Кипар“, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во интервју за „информо.бг“, прашан дали постои варијанта Бугарија да направи компромис со дел од „претензиите на Северна Македонија“, а со цел да се подобрат билатералните односи.

Набројувајќи ги често повторуваните пријателски постапки кон Македонија, Ковачев тврди дека Бугарија секогаш со најголема братска љубов ѝм подавала рака и постапувала „кон нејзините најблиски“ и дека тие, како Бугари, никогаш не се обиделе, на никој начин, да ги уништат Македонците. Ковачев истакна дека многу му е тешко кога гледа како во Скопје, според него, се извртуваат тезите:

„Човечко право е правото на самоопределување. Многу ми е тешко кога гледам дека некои министри во Скопје продолжуваат да зборуваат дека Бугарија им го негирала правото на самоопределување. Напротив, ние се бориме за нивното човеково право на самоопределување. Исто така и нашите предци го имале своето право и тие се самоопределувале како Бугари. Неверојатна е ситуацијата во која се наоѓаме сега: Тие (Македонците) велат дека имаат право на самоопределување, ние им велиме ‘да, и ние го поддржуваме тоа ваше право, но бидете така љубезни и кон тие кои починали и тие кои оставиле толку многу материјали за тоа како се чувствувале и каков им бил (етничкиот) карактер, да не хулиме со нив. Тие исто така го имале тоа право, да не им го одземаме“, вели европратеникот.

„Ние немаме никаков проблем со нивниот сегашен идентитет, со тоа што си го определуваат јазикот како македонски, и тоа си е нивно право. Нашиот проблем е што тие не се задоволни само со тоа, тие сакаат од нас да ја прифатиме лагата од минатото – дека тие сега се определуваат како етнички Македонци затоа што сите пред нив се самоопределувале како етнички Македонци. Со тоа не можеме да направиме компромис затоа што не соодветствува со вистината. Не може да има различни интерпретации на историјата зашто тоа е сосема свежа историја – не е пред стотици и илјади години, како што стануваше збор за античката историја за Александар, Филип итн. – каде може да има најразлични извори и навистина е многу далечна во минатото и не сѐ е најјасно. Овде е многу јасно што и како било пред сто години“, вели Ковачев.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Прашан колку долго може да биде одложувана процедурата за започнување на преговорите, тој посочува дека не постојат правила. Според него, по германското, обиди веројатно ќе има и португалското, па словенечкото, па и секое наредно претседателство кое се менува на шест месеци. Сето тоа, вели, ќе зависи од властите во Скопје. Според него, идните претседателства треба, во својата работа, да се фокусираат во на убедување на властите во Скопје, бидејќи тоа е во нивна полза, но и е европско однесување. „Зашто лагата и фалсификатите не се европска вредност“, додава европратеникот.

Прашан за можните последици по имиџот на Бугарија во ЕУ, кои би резултирале од блокадата, Ковачев вели:

„Ние сме полноправна членка на ЕУ. Секоја суверена држава си има свои интереси што ги брани. Погледнете ги само Полска и Унгарија – пред два дена го блокираа Фондот за обнова, несакајќи да бидат вклучени оние услови за макроекономска зависност од владеењето на правото. Ние зборуваме, во време на пандемија на Ковид-19, за обнова на ЕУ со 750 милијарди евра, но има земји кои решаваат дека тие можат да го блокираат. Истото прашање би можело да се постави: каков е имиџот на Полска и Унгарија во време на пандемија да не можат да стигнат парите до фирмите и граѓаните, работните места да бидат спасени…

Тоа е многу поогромно, нашето е сосема на друго ниво. Ние зборуваме за тоа дека заштитуваме основна европска вредност од омразата која се насадува од учебниците уште во основно школо – дека Бугарите се ‘татарско-монголско племе, кое дошоло пред 1.300 години и се обидувало да ги асимилира месните Македонци’ и во тој дух продолжува и низ Средновековието. А за крајот на 19 и почетокот на 20 век, сѐ е претставено обратно на тоа што навистина се случило и се одрекува бугарскиот идентитет на револуционерите и преродбениците, бугарскиот карактер на Илинденското востание и многу други нешта кои не се само историски проблеми, зашто тие, вклучени во учебните програми, остануваат и во свеста на младите Европејци.

Како можеме ние да се согласиме да сме заедно во заедничкиот европски дом со луѓе кои близу до нас се образуваат врз основа на фалсификати кои водат до омраза кон нивниот сосед. Тоа не може да биде имиџот на Бугарија. Во Скопје треба да помислат, исто така, и за својот имиџ, и да не се претставуваат како жртви. Ние секогаш сме им помагале во последните 30 години…“, оценува Ковачев. Целото интервју можете да го прочитате на неговата официјална веб страна, ТУКА.

 

 

 

 

- Реклама -