Бугарски историчар: „Ова ни е шеста шанса да си ја вратиме Македонија – ако ја прокоцкаме и таа, седма ќе нема“

„Темата за Македонија се претвора во погоден вентил за катастрофалните внатрешни проблеми во Бугарија. Историјата уште еднаш се користи за демагогија и пропаганда“, пишува Александар Стојанов – бугарски историчар кој специјализирал воена историја на Универзитетот во Лејден, Холандија, а предавал и на бугарски универзитети (вклучително и на Софискиот „Св. Климент Охридски). Порталот „webcafe.bg“, кој го објави текстот, го претставува и како автор на пет публикувани книги и над 190 статии и публикации.

Во својот коментар, Стојанов понатаму пишува:

„Критичарите на бугарската позиција замижуваат пред огромниот комплекс во нашето општество. Неговото игнорирање ќе остави огромна рана во националната самосвест, која и без тоа веќе е згазена и исплукана по вековните перипетии.

Истото, впрочем, важи и за Македонија – тамошното општество е огледален одраз на бугарското, измачувано од истите проблеми.

Општо земено, ниту ние, ниту Македонците знаеме кои сме всушност, но се натпреваруваме во понижување на другиот, наметнувајќи ја својата верзија за минатото и сегашноста.

Истовремено, поддржувачите на изолацијата на Македонија пропуштаат да забележат дека оставањето на Скопје надвор од ЕУ е добро за националните интереси на една друга држава, но не и на Бугарија. Бугарија нема вистински пат напред одрекувајќи го сегашниот идентитет и јазик на Северна Македонија.

Проблемот е во тоа што имаме потреба да ја заштитиме својата културна и етничка целост. Нашата држава треба да ни добие јасни гаранции за отсуство на етнички и територијални претензии, категорично потврдени и потпишани. Истото треба да сме подготвени да го дадеме и ние“, порачува тој.

Понатаму во текстот, меѓутоа, Стојанов ги посочува изгубените шанси на Бугарија „да си ја врати Македонија како своја“. Последната шанса е сега, заклучува тој, но не како своја, туку како пријателска земја:

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

„Македонија беше загубена во 1903 година, кога Бугарија не ги заштити своите чеда во Османската империја, не грабна оружје и не ризикуваше.

Ја загубивме втор пат во 1911 година, кога владата на Иван Евстатиев Гешов ги преспа преговорите со Грција и Србија. Ја загубивме по трет пат во 1915 година, кога ја избравме погрешната страна во Големата војна.

Ја загубивме и четврти пат кога БКП помогна за создавањето на македонски јазик и идентитет како услуга на Коминтерната. Ја загубивме и по петти пат кога избрзано ја признавме за суверена држава во 1991 година, без да потпишеме адекватни договори.

Ние Бугарите сме неблагодарен народ. Кој друг имал пет шанси да си врати нешто свое на некој начин и ги прокоцкал сите пет?

Но, пак Европа ни е виновна. Сега имаме шеста шанса – да си ја вратиме Македонија – ако не како своја, тогаш барем како пријателска држава. Ако ја прокоцкаме, седма нема да има.

Секогаш ќе има научници и граѓани во Македонија со антибугарски позиции. Такви има и во Грција, Романија, Србија и Турција, но некако сме преживеале и сме се признале взаемно. Нема начин да можеме да ги запреме да ја интерпретираат исотријата, но има начин како да направиме тезите да им изгледаат смешни и ненаучни.

Имаме Бугарска академија на науки, имаме универзитети, имаме музеи. Колегите историчари – специјалисти по бугарска и балканска историја треба да пишуваат, да пишуваат и уште да пишуваат. Но не на бугарски, туку на јазици преку кои вистината ќе допре до целиот свет“, смета Стојанов.

- Реклама -