Димитров: Не може да се преговара за тоа кои сме и каков јазик зборуваме, новата методологија вели да не се злоупотребуваат билатерални прашања

„Каракачанов има обврска и право да ги застапува бугарските позиции, како што ние имаме обврска и право да ги застапуваме македонските позиции. Ама и ние и тие имаме и обврска да се грижиме за пријателството“, порачува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во изјава за МИА.

Тој посочува дека Владата прави сѐ за двете држави да излезат од овие предизвици како силни идни партнери и добри соседи, но категоричен е дека за идентитетот, за тоа кои сме и за тоа кој јазик го зборуваме – не може да има компромис или дискусија и не може да се преговара ниту со Бугарија, ниту со било која друга земја или организација.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

„Со други зборови, нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а взаемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ и Унијата треба и може да се проширува само преку афирмација на тие вредности, никако преку нивно загрозување. Впрочем, како што вели и новата методологија, сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес“, истакнува Димитров.

- Реклама -