БАН ја поддржа блокадата, цврсто ќе ја бранела „бугарската народна и културна припадност на мнозинството жители на Македонија“

Бугарската академија на науките (БАН) внимателно го следи развојот на односите меѓу Софија и Скопје. БАН останува верна на традициите и се грижи и ќе продолжи да се грижи за изучување на „бугарските земји и природа, бугарскиот бит (општите животни услови, обичаи и традиции на еден народ), јазикот и литературата, бугарската историја“, се вели во соопштението од Бугарската академија на науките, која се огласи со официјална реакција за позицијата на Бугарија во однос на Македонија и нејзината евроинтеграција.

Како што стои во текстот, БАН ги оценува како плодотворни „напорите на бугарската влада да ја интегрира Република Северна Македонија во вредностите на Европската унија“ и ја поддржува позицијата на бугарската влада испратена и до Европската комисија. Научниците од академијата исто така не ја прифаќаат предложената преговарачка рамка за Северна Македонија и предлогот бугарските барања да се наведени во декларацијата, односно анекс (која не е обврзувачка), наместо во самата преговарачка рамка.

Во позицијата на БАН се истакнува и дека бугарските академици цврсто ќе ја бранат, со научни средства, „историската вистина за минатото на историско-географската област Македонија, вклучително и бугарската народна и културна припадност на мнозинството од нејзини жители“.

Од БАН се категорични дека ќе продолжат со истражувањата на темата „Македонија“ и популаризирање на резултатите од истите, „независно од политичките влијанија и стремежи на одредени кругови во Р.С. Македонија за промена на минатото“, пренесуваат бугарските медиуми.

- Реклама -