Само 10.2% од Бугарите сметаат дека Бугарија не треба да ги условува преговорите, а само 4.5% дека треба да го признае македонскиот јазик без никакви услови

Огромното мнозинство од Бугарите се против поддршка на Република Северна Македонија за членство во Европската унија ако и додека не се постигне согласност во однос на „фактите од историското минато на Бугарија“. Се работи за 83.8% од анкетираните, покажува социолошкото истражување на „Алфа рисрч“, пренесува агенцијата БГНЕС.

Само 10.2% сметаат дека Бугарија треба да ја поддржи Македонија независно од нејзиниот однос кон „фактите од историското минато на Бугарија“. Уште помал е процентот на оние кои одговориле дека не можат да проценат дали земјава треба или не треба да добие поддршка – 5.9%.

Според анкетата, над половина од прашаните – 54.1%, сметаат дека Бугарија треба да го признае „современиот македонски идентитет“ само ако македонската страна признае дека во почетокот на 20-от век огромниот дел од населението ѝ се идентификувало како бугарско, а „изградбата на новиот македонски национален идентитет“ започнува по 1944 година.

Речиси една третина, меѓутоа, односно 29.5%, се против признавање на македонскиот идентитет по било која цена. 10.2% изјавиле дека немаат мислење и не ги интересира овој проблем, а само 6.1% се за безусловно признавање на македонскиот идентитет.

Во однос на јазикот, најголемиот дел – односно 45.5%, сметаат дека Бугарија не треба да го признае постоењето на македонскиот јазик. 42.2% сметаат дека Бугарија треба да го признае само ако земјава признае дека тој јазик почнал да се создава во 1944 година на база на западнобугарските дијалекти. Незаинтересирани или без став за проблемот биле 7.6% од анкетираните, а само 4.5% сметаат дека Бугарија треба да го признае македонскиот јазик без никакви услови.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

„Големото мнозинство исто така смета дека Бугарија треба да даде согласност за почеток на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ, под услов таа да се откаже од антибугарската основа врз која го гради современиот свој идентитет, одрекувајќи го бугарскиот идентитет на преродбеници како браќата Миладинови, или револуционери како Гоце Делчев“, пренесува натаму БГНЕС. Таквата позиција за поддржувале 67.2% од испитаниците, додека 15.8% одговориле дека Бугарија не треба да даде согласност дури ни во тој случај. 17% немале мислење.

71.1% од анкетираните, пак, сметале дека бугарската поддршка треба да зависи од отстранувањето на текстовите во македонските учебници и спомениците во земјава на кои пишува, на пример, „бугарски фашистички окупатор“, во однос на, како што гласело прашањето, „бугарската администрација во Втората светска војна“. Таквиот став не го поддржале 10.5% од испитаниците. 13.4 отсто од прашаните немале мислење.

„Општиот заклучок кој може да биде извлечен врз основа на истражувањето е дека бугарското јавно мислење не пројавува претензии или негативизам кон самоопределувањето на современата македонска држава и го поддржува нејзиниот европски пат“, констатираат авторите на анкетата. „Истовремено, тоа е силно негативно настроено кон замена на историските факти, манипулативно формирање на антибугарски сентименти и на таа основа – заострување на односите меѓу двете страни. Иако се видливи и некои порадикални ставови во однос на јазикот и идентитетот на граѓаните на Северна Македонија, мнозинството од Бугарите поддржуваат изнаоѓање на компромис. Многу мала е, сепак, поддршката за безусловно ‘зелено светло’ без расчистување на клучните спорни прашања“, заклучуваат авторите.

- Реклама -