Ден откако министерот за здравство Венко Филипче посочи дека се хоспитализирани првите пациенти од Ковид-19 во модуларната/монтажна болница во рамките на Инфективната клиника во Скопје, директорката на клиниката – Милена Стевановиќ, за „ТВ21“, информира дека веќе се пополнети 15 од 71 кревети, колку што е вкупниот капацитет.
Како што пренесува „Сител“, ситуацијата е загрижувачка и во охридската болница, за каде Филипче вчера посочи дека добро се менаџира состојбата и дека има уште слободни кревети. Меѓутоа, во моментов таму се хоспитализирани вкупно 28 пациенти и има само уште три кревети, поради што се прават планови да биде ставено во функција и хируршкото одделение.
За еден ден, пополнети се нови девет кревети и на инфективното одделение во клиничката болница во Битола, пренесува „Тера“. Вчера вкупниот број на хоспитализирани изнесувал 43, а денес веќе е 52. Директорката д-р Билјана Гагачовска алармира дека одделнието се полни со пациенти и дека поголем дел од нив се со тешка клиничка слика и апелира да се почитуваат мерките за заштита за да се справиме со пандемијата.
На почитување на мерките апелира и Стевановиќ, особено што модуларната болница при Инфективна е планирана да биде резервен капацитет. Таа порачува сите оние кои се асимптоматски случаи да не доаѓаат во клиниката, туку да се лекуваат согласно препораките на матичните лекари.
Токму исполнувањето на резервните капацитети Филипче вчера го посочи како главен индикатор кој ќе доведе до најригорозната мерка:
„Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако ние оцениме дека овие капацитети – кои се димензионирани да бидат резерва – се исполнуваат, тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час“, предупреди министерот.