Горан Милески – Кичеец, осуден во случајот „Рекет“, иако според упатниот акт од Основниот кривичен суд Скопје вчера требаше да се јави на издржување на казната во затворот во Шутка, до овој момент сѐ уште не го направил тоа, потврди директорот на затворот – Есад Рахиќ, за „Канал 5“.
„Не сум поднел барање за одлагање и ќе се јавам на издржување на казната“, изјави Кичеец вчера за „ТВ24“, за денеска од Кривичниот суд, за истиот медиум, да потврдат дека Кичеец сепак имал поднесено барање за одложување на издржување на казната. Како што пренесува „ТВ24“, барањето веќе е на разгледување од страна на судијата Пајазит Пајазити, но засега нема детали по која основа Кичеец бара одложување.
Адвокатот на Кичеец – Александар Новакоски, пак, за „Фокус“ изјави дека не е во тек и не знае за барањето на неговиот клиент, со образложение дека имал здравствени проблеми. Останува нејасно кој во името на Милевски го поднел барањето за одложување, пишува „Фокус“.
Кичеец беше осуден на три години, но му остануваат да одлежи помалку од година и пол, бидејќи остатокот го помина во притвор, почнувајќи од апсењето во јули 2019-та па до април годинава, кога со гаранција од 200.000 евра беше пуштен во домашен притвор.
Од затворот „Скопје“, за „Канал 5“, велат дека ако Кичеец не се пријави денеска до 16 часот, ќе испратат известување до судот и до полицијата.