Бугарско вето за почетокот на преговорите на земјава со ЕУ би било апсурдно и ќе ги претстави Бугарите во негативно светло, смета реномираниот бугарски политиколог Иван Крастев. Тој не очекува Бугарија да ги блокира преговорите:
„Европската интеграција на Западниот Балкан е стратешки важна за Бугарија. Уште повеќе што во рамките на бугарското претседателство тоа се наметна како приоритет за Брисел. Во таа смисла, бугарско вето би било апсурдно. Просто, ќе изгледаме смешни“, вели Крастев за бугарскиот „Дневник“.
„До вчера се боревме за отворањето на ЕУ за Северна Македонија, денес сакаме да ги спречиме. Не дека не се случуваат апсурдни нешта, но убеден сум дека ниту владата, ниту претседателот би допуштиле Бугарија да се доведе во ситуација на тотална изолација во рамките на ЕУ“, додава тој.
Крастев го коментираше и отвореното писмо на триесетина бугарски научници, професори и интелектуалци, меѓу кои и голем број историчари, кои го критикуваа бугарскиот меморандум до ЕУ:
„Не сум историчар, но мислам дека обраќањето е важно бидејќи меѓу потписниците се некои од најавторитетните имиња во нашата историска наука, зашто тоа јасно покажува дека историските спорови не се и не треба да бидат спорови меѓу држави, туку се спорови меѓу историчари. И дека Европа не може да нѐ разбере ако позицијата ни е дека сите нации во Европа се ‘природни’, а само ‘македонската’ е вештачка и само Македонците во Европа не знаат на каков јазик зборуваат“, вели Крастев.
„Започнувањето на преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија не значи дека Бугарија ги прифаќа тезите на Скопје. Едноставно, Брисел не може да ја замени потребата од сериозна историска наука“, додава политикологот.