Апасиев: Јаничари, нема долго да ви траат табливе

„Јаничари, нема долго да ви траат ТАБЛИВЕ“, порача пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, на Твитер, откако денеска спомениците на мостот „Око“ кои се однесуваат на личности од античката историја добија „појаснување“ дека се хеленски, како што е договорено со Преспанскиот договор со Грција.

„Акцијата“, се чини, не била ограничена само на Скопје. Како што објави порталот „Битола њуз“, денеска и споменикот на Филип II на плоштадот „Магнолија“ во Битола добил исто такво појаснување.

Поставувањето на таблите „коинцидира“ со денешната средба на премиерот Зоран Заев со членовите на македонскиот дел на заедничката историска комисија со Грција, кои го информирале за досегашниот напредок.

Како што велат од Владата, премиерот „денеска ги прими членовите на македонскиот дел на Интердисциплинарниот комитет за историски, археолошки и образовни прашања формиран од нашата земја и од Република Грција согласно Договорот од Преспа.

Членовите на Интердисциплинарниот комитет, со кој претседава амбасадорот Виктор Габер, и во кој членуваат д-р Ана Чупеска, професор и политиколог, д-р Људмил Спасов, професор лингвист, проф. Фехари Рамадани, професор и историчар, д-р Далибор Јовановски, професор и историчар, и д-р Никос Чаусидис, професор и археолог, и во отсуство на д-р Кица Колбе, го информираа премиерот Заев за досегашниот напредок на работата на овој Комитет на експерти, а во пресрет на петтата средба со нивните грчки колеги.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Во размената на мислења на средбата, констатирано е дека е постигнато ниво на конструктивна соработка во Комитетот во рамките на одредбите на Договорот од Преспа, и дека се утврдени заеднички правци за постигнување на решенија за препораките кои овој Комитет треба да ги достави до Владите на Република Северна Македонија и Република Грција како добра основа за изнаоѓање на конкретни решенија за историските наративи кои ќе ги едуцираат идните генерации во европскиот дух на разбирање и соработка“.

Како што се вели во соопштението, Заев ги запознал членовите на Комитетот со актуелните активности на Владата за обезбедување на севкупни услови за имплементација на Договорот од Преспа и за поддршката на грчката страна за Република Северна Македонија за почетокот на преговорите за членство во ЕУ добиена за време на неодамнешната посета на Атина и од средбите со премиерот Мицотакис.

- Реклама -