„Гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ“, рече денеска премиерот Зоран Заев, прашан за изјавата на Захариева дека Гоце Делчев е само едно од многуте прашања кои треба да се решат, како и дали овие барања на Бугарија, кои се однесуваат и на јазикот и кои излегуваат од рамките на Договорот, го прават истиот тој договор нефункционален.
„Јас верувам дека сите тие документи и коментари кои што излегуваат“ – продолжи Заев – „се само желба за решавање на ова четврто историско поглавје или шеста историска личност која што може да биде одлична можност да нѐ сплотува, да нѐ зближува, да го јакне пријателството“.
„Ќе бидеме внимателни во коментарите заради тоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое ќе носи придобивки на двете страни и ќе биде за добробит и за позитивни последици за Северна Македонија и на Бугарија“, додаде премиерот, на заедничката прес-конференцијата со помошникот државен секретар за енергетика на САД – Францис Фанон.
Заев истакна и дека министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе ја посети Софија и ќе биде претходница на најавената посета на Заев на бугарскиот колега Бојко Борисов, на која, како што рече, ќе се зборува за многу заеднички проекти, пред сѐ економски.
„Еден од тие е токму ова што денеска зборуваме, конекцијата со гас, со целата можност која што се отвора за унапредување на соработката… Но дефинитивно верувам дека сето она кое што претстои пред нас ќе биде уште еден сигнал за позитивната соработка во целиот овој регион, заради тоа што, сите знаеме, овие прашања историски треба да ги искористиме како потенцијал за унапредување на соработката помеѓу нас, затоа што се отвораат ваквите убави можности: енергетика, национални гасоводи, меѓусебна поврзаност преку гасификација, преку енергетските системи од другите видови, унапредување на трговијата, меѓусебните инвестиции во двете држави и, како што реков, меѓусебното помагање со ресурсите во заштитните средства за Ковид-19“, рече Заев.