Достижна е целта пред крајот на годината Северна Македонија да започне конкретни и детални преговори за членство во ЕУ, истакна германскиот шеф на дипломатијата – Хајко Мас, кој додаде дека во рамки на Унијата, вклучително и со Бугарија за билатералните прашања, се водат интензивни разговори кон оваа цел.
По однос на меморандумот од Бугарија, Мас истакна дека тие прашања мора да се решат билатерално, и дека Преспанскиот договор му дава оптимизам дека и за нив во догледно време ќе се најде решение:
„Што се однесува до јазикот, до името, тоа се многу детални преговори кои што се одвиваат. Тоа се прашања кои што билатерално мора да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тие се обидуваат да изнајдат решение и тоа го поддржуваме да биде што е можно побрзо, за да може да се продолжи со пристапниот процес за Северна Македонија, бидејќи таа веќе долго чека на тоа. Преспанскот договор – нешто историско, беше постигнат во Северна Македонија и затоа сум оптимист дека прашањата кои што се отворени во догледно време ќе можат да бидат решени. Меѓутоа за тоа се потребни понатамошни разговори кои ќе треба да се одржуваат како на ниво на ЕУ, исто така и помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Мас.