Проблематичниот пост на албанскиот премиер Еди Рама во кој со фотографија од кањонот на Лешница во Македонија ја промовираше „прекрасната Албанија“, а кој многумина го сфатија како провокација, по бројните критики, исчезна од неговиот Фејсбук профил.
Во меѓувреме пристигна и реакција од кабинетот на Рама, како што беше побарано од Кабинетот на Заев, според пренесеното од „Локално“:
„Од страна на Кабинетот на премиерот Заев е остварена комуникација со Кабинетот на премиерот Рама, при што од наша страна е посочено дека објавената фотографија е од Лешница, С. Македонија. Веруваме дека станува збор за ненамерна грешка и затоа беше побарано од страна на Кабинетот на Рама да биде објавено објаснување и корекција“, велат од Владата.
„Постои село во јужна Албанија со истото име и сликата по грешка беше означена дека е од Албанија. Им се заблагодаруваме на сите следбеници коишто ни посочија дека ова прекрасно место е во Северна Македонија“, се вели во реакцијата од кабинетот на Рама која ја објави МИА.
Од друга страна, случајно или не, откако 365.com.mk посочи дека авторот на фотографијата е можен извор на забуната (наспроти неговото тврдење дека забуната настанала поради оние кои без прашање му ја преземале фотографијата), меѓу хаштазите на оригиналната објава на фотографијата повеќе ги нема #albania и #visitalbania. Меѓутоа, како што и самиот автор објасни претходно, по посетата на Македонија објавил неколку фотографии од прошетката на Шар Планина, вклучително и од водопадите во Лешница. На сите нив (освен на онаа која ја објави Рама), сѐ уште стојат овие ознаки, а никаде не се спомнува Македонија.