Апасиев: Очекувам вака ефективно Обвинителството да биде и за оние кои пукаа со Калашњикови на изборната ноќ

„Очекуваме дека Обвинителството, вака ажурно како што постапува за мене, ќе постапува и во случаите кога во наредната недела јас ќе поднесам кривични пријави за загрозување на сигурноста, бидејќи во тие постови, особено кај една од пријавителките, има закани по мојот живот и животот на моето семејство. Исто така очекувам Обвинителството да биде вака ефективно и за оние кои пукаа вечерта со Калашњикови, како и за оние кои на секој втор збор се закануваат со војна, особено од албанскиот политички националистички кампус“, изјави денеска претседателот на Левица – Димитар Апасиев, откако денеска околу час и половина беше на распит во Обвинителството поради своите „скандалозни“ статуси на друштвените мрежи.

Според Апасиев, се работи за политички притисок, со оглед дека Левица станува фактор на политичката сцена. Во таа насока тој го толкува и „симптоматичниот начин“ на кој му била доставена поканата – преку полиција, наместо преку вообичаените канали на комуникација.

Тој порача и дека заради колегијалност, бидејќи предава право, решил да даде изјава во оваа фаза на постапката и да не го искористи пратеничкиот имунитет, кој му дава право тоа да не го направи.

Во однос на кривичните пријави, Апасиев рече дека очекува Обвинителството истите да ги отфрли, по што тој ќе поднесе контрапријави против пријавувачите Мерсиха Смаиловиќ и Тања Милевска, за лажно пријавување. Подоцна во текот на денот, во нов Фејсбук статус, дури и ги оцени како „чкрабаници“ за кои на неговите студенти би им пишал петки:

Сепак, истакна Апасиев денеска пред медиумите, доколку Обвинителството одлучи поинаку, односно да има реперкусии за неговите статуси, тој е подготвен да оди и до Стразбур, па и да лежи затвop, ако за тоа има основа:

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

„ … Дури имаше и контрадикција дека еден од статусите е избришан; Јас кажав дека не бришам статуси, значи што напишав – напишав. Спремен сум за тоа што го напишав дури и да одам во затвор, ако има основ за тоа да ме гонат. Во случајов нема никаков основ за кривичен прогон. Иронијата и сарказмот како форма на комуникација, па дури и скандалозен речник, се дозволени во едно демократско општество и тоа не давам никој да ми го одземе и по цена на секакви судски прогони. Значи и во иднина ќе продолжам со провокативни статуси“, рече Апасиев.

Прашан дали и заканите по неговото семејство можеле да се иронични, Апасиев додаде:

„Апсолутно не. Едно е загрозување на безбедност и сигурност и закани по живот, а друго е саркастичен говор во јавен дискурс. Значи јас сум професор по право и ги знам мерките кога се надминати, а кога не се надминати. Во моите постови, сите до еден, не постои надминување на прагот на толеранција, зборувам согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Согласно таа судска пракса, во едно демократско општество се дозволени говори не само што ќе скандализираат – не мора јас на сите да им се бендисувам и јас тоа го знам, така што не, нема да престанам со моите саркастични јавни настапи. Дури и по цена да бидам вака влечен по судови, нема да престанам со мојот стил на изразување“.

Лидерот на Левица, притоа, имаше мала конфронтација со новинарот Фуркан Салиу, кој го праша зошто активистката Смаиловиќ ја нарекол муџaxeдинка.

 

- Реклама -