Обвинителството влезе во фирми на чии портали се рекламирала ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде Наредба за проверка на фирми кои добиле државни пари од партиите за политичко рекламирање на нивните портали во текот на предизборната кампања.

Се работи за портали за кои постои сомневање дека биле наменски отворени непосредно пред изборите за да им бидат префрлени пари и истите немаат импресум, адреса на седиште и објавен ценовник за рекламирање.

„Во насока на утврдување на наводите од Известувањето, во текот на утрово во координација со обвинителството, Министерството за внатрешни работи спроведе акција при што е одземена документација од три фирми кои ги основале предметните портали, а ќе се прибираат и докази од други релевантни институции“, инфомираат од Обвинителството.

Како што објавија медиумите, се работи за три фирми на чии портали се рекламирала ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, според „А1он“, тие се поврзани со порталите „lady.mk“, „srekja.mk“, „gradina.mk“, „indigo.mk“, „visitskopje.mk“, „ekran.mk“, и „biznisvesti.mk“, за кои фактурирала фирмата „Глобал Нет“ ДООЕЛ од Скопје.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Според медиумите, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал – Вилма Русковска, ќе ги проверува и наводите за слични злоупотреби на други две парламентарни партии.

Медиумите и претходно пишуваа дека дел од парите за рекламирање на партиите завршиле кај сомнителни портали во сопственост на луѓе блиски до нив, а вчера „А1он“ објави детална анализа за тоа каде и колку пари од партиите, кои ги добиваат од државниот буџет, завршиле кај интернет медиумите. Според анализата, меѓу порталите има такви кои веќе не објавуваат вести, регистрирани се на домашна адреса, имаат мала посетеност, па дури и такви со непримерни реклами од типот на гoли зaдници и epoтски покани за пријателство (ПОВЕЌЕ ТУКА).

Според истражувањето на „А1он“, ВМРО – ДПМНЕ потрошиле најмногу – односно 166.000 евра, ДУИ потрошила 79.000 евра, а СДСМ – 33.000 евра за рекламирање на интернет портали.

- Реклама -