Гоце Делчев не треба да биде предмет на никакви преговори – порачува Мицкоски пред протестот на ВМРО-ДПМНЕ

„Гоце Делчев беше човек што обединуваше, којшто имаше визија. Гоце Делчев беше и ќе остане Македонецот врз основа на кој ние ќе се сеќаваме на минатото, врз основа на тоа минато ќе ја градиме иднината. Ќе го продолжиме неговото дело да обединуваме, а не да разединуваме. Ние се гордееме и сме горди Македонци што сме имале таков јунак во нашата историја, а врз основа на таа историја ќе ја градиме иднината“, порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, преку видео објавено на социјалните мрежи, во кое се употребени и исечоци од сведоштво на внуката на Гоце Делчев, пред претстојниот денешен протест на опозицијата најавен за во 18:30 часот, со почеток пред Министерството за правда.

Прочитајте и:  Мицкоски за посетата на Брисел: Подготвивме најквалитетен документ за Планот за раст, ќе ги одбраниме и националните интереси

„Гоце Делчев е столбот на современата македонска држава, Гоце Делчев е Македонија и Гоце Делчев не треба да биде предмет на никакви преговори и разговори“, додава Мицкоски.

Како што порачаа претходно од ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Делчев е „дел од македонскиот идентитет и црвена линија за македонското достоинство“, а „трговијата со неговото име и постоење значи трговија со нашето постоење и она што сме и ќе продолжиме да бидеме, тоа е Македонци“.

Според нив, на мирниот протест ќе биде испратена порака за поддршка на членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев, кој, нагласуваат, треба да е лик кој обединува, а не разеденува.

- Реклама -