Муцунски: Протестите на ВМРО-ДПМНЕ треба да создадат свест кај власта дека некои работи не одат во соодветна насока

Изразувањето на незадоволството од власта преку протести е демократски модел кој го користеле опозициските партии во Македонија низ целата политичка историја, а го користат и опозициите ширум светот, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Тимчо Муцунски, во гостувањето во „Топ Тема“ на „Телма“.

„Тоа е еден различен модалитет на изразување на незадоволството за состојбите во општеството од оној на дејствувањето во Собранието и јас велам дека едното со другото можат да бидат комплементарни. Сметам дека бојкотот е најлошото решение кое може да го има во Парламентарна демократија, бидејќи вие доколку сакате да ги подобрите и смените состојбите и да нудите демократски отпор, тоа треба да го направите во рамките на системот“, истакна Муцунски.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Според него, со протестите што ги организира ВМРО-ДПМНЕ, ќе се создаде дополнителна свест кај власта дека некои работи не одат во соодветна насока.

Сепак, потенцира Муцунски, во таа насока нема да биде занемарен ниту собранискиот фронт:

„Нашето опозициско дејствување нема да биде само реактивно, односно да чекаме предлог закони кои ќе доаѓаат од владата па потоа ние да нудиме. Ние ќе нудиме и предлог законски решенија и тоа ќе биде интересно за нашите граѓани да следат како многу законски решенија ќе бидат понудени пред парламентот кои ќе ги подобруваат состојбите“, додаде Муцунски.

- Реклама -