Интегра и Ристовски побараа јавно извинување од Мицкоски, во спротивно ќе го тужат за 100.000 евра отштета

Политичката партија Интегра и нејзиниот лидер Љупчо Ристовски побараа јавно извинување од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, и тоа на прес-конференција, а доколку не го добијат во рок од 24 часа, се заканија со тужба со која по судски пат ќе бараат отштета од 100.000 евра за нарушување на угледот и честа.

Како што објасни Ристовски на прес-конференција, нивната реакција (и евентуалната тужба) се однесува на изјавата на Мицкоски во која истакна дека: „имаме сериозни информации и докази дека финансиски мотивирани од други политички партии, а луѓето кои се тука со мене исто така, тие индиции ги потврдуваат со сопствено сомневање дека постојат сериозни финансиски мотиви со цел да направат штета во опозицијата и да се поделат гласовите“.

Од Интегра бараат Мицкоски веднаш да го достави наводниот доказ во јавноста и на тој начин да ги прекине сите шпекулации на социјалните мрежи:

„Одговорно тврдиме пред Бога дека таков доказ не постои, ниту пак, тој го има. Ако за нашево барање не се огласи и да го стави на увид на јавноста наводниот доказ, бараме во рок од 24 часа, во ист формат, на прес-конференција, јавно да ми се извини, како лидер на опозициската Интегра, но и на членството“, истакна Ристовски. Доколку Мицкоски не се извини и доколку Интегра ги добие посочените 100.000 евра на суд, истите ќе бидат донирани во здружение за дечиња со посебни потреби, додаде тој.

Според Ристовски, „природно е политичкот земјотрес кој Интегра го предизвика на последните парламентарни избори“ да биде проследен со политички афтершокови, од кои е дел и обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе партијата преку пуч во раководството. Сепак, според него, таквиот обид пропаднал.

„Ние демантиравме дека наводни структури на Интегра преминуваат во ДПНЕ. Тоа едноставно е лага. Станува збор за ликови кои се собрани од улица бидејќи се разрешени уште минатиот месец и не се во раководните структури на Интегра. Ме чуди како лесно го превеслаа Мицкоски и се ухлебија во нивната партија, која ги прибира опадоците од другите партии како Гога Сорос, Сафет Бишевац и други. Ги охрабрувам и така да продолжат, бидејќи така можат да станат конкуренција на АД ‘Дрисла’“, додаде Ристовски.

Прочитајте и:  Мицкоски на Европскиот самит во Салцбург: Иднината на Македонија е во ЕУ, посветеноста ја докажавме со бројни отстапки и чекори

Од Интегра вчера демантираа дека било какви раководни структури преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го тоа „болна желба во умовите на удбашки структури“:

„По изборите е спроведена идеолошка диференцијација во тимовите, минатиот месец со едногласна одлука на Претседателството разрешен е Воислав Зафировски од сите раководни позиции во партијата поради преминат праг на морална грешка, а во меѓусебен договор двајца носители на листа си поднесоа оставка.

Сите други им беше оставено време и демократска можност да одлучат дали ќе продолжат на патот на самостоен настап на ИНТЕГРА во периодот пред нас или ќе се повлечат од понатамошни активности во партијата.

ИНТЕГРА беше под специјална војна на одметнати удбашки структури за време на изборите, а која не застана и потоа. Беа спроведени три операции ‘Понтиј Пилат’, ‘Понтонски мост’ и Ашовиот експеримент, а со цел да се стави под контрола лидерот Љупчо Ристовски и партијата да премине и продолжи приклонета, да одработува за ‘туѓи бели дворови’.

ДП*НЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на ИНТЕГРА, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека ИНТЕГРА го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси.

Лидерството на ИНТЕГРА е монолитно, единствено, сплотено и поревносно од било кога во намерите да го задржи независниот стратегиски правец на политичката сцена и да ја продожи борбата против црно-белата погубна политичка карта во Македонија“, порачаа од Интегра во демантот.

- Реклама -