Шилегов: Тврдењата на инвеститорот кај „Мавровка“ се поигрување со здравиот памет на граѓаните

Фото: Алсат

Уривањето на дивоградвата кај ТЦ „Мавровка“ продолжи и денеска. Овојпат, освен хидрауличен клин, вклучена е и дополнителна механизација.

На оваа тема денеска даде изјава и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, адресирајќи ги тврдењата на инвеститорот Мевлудин Алити, кој обвини дека е жртва на политичко рушење и најави дека ќе ја тужи државата и ќе бара отштета и пред судот во Стразбур.

Како што истакна Шилегов, а наспроти тврдењата на инвеститорот дека го легализирал објектот што го „обновува“, предмет на легализација од страна на Општина Чаир бил само објект што се наоѓа во сутеренските простории. Шилегов демантираше и дека Алити платил комуналии. Според него, платеното е надоместок за легализација:

„Не станува збор за комуналии, станува збор за надоместок за легализација. Градот Скопје во постапката за легализација на дивоизградени објекти партиципира на начин што кога општината утврдува во законска постапка дека постојат услови тој објект да се легализира, ние вршиме пресметка на надоместокот и поделба на средствата“, објасни тој.

Според него, да се поистоветува објектот што бил легализиран со „грдосијата“ никна пред „Мавровка“ на местото на изгореното кафуле „Фонтана“ – е поигрување со здравиот памет на секој граѓанин:

„Таму е легализиран објект кој што беше во сутеренски простории и само тоа било предмет на легализација. Не може да стане збор да ги поистеветувате легализацијата што била извршена од страна општина Чаир во сутерен, со овој објект и грдосија која што таму никнуваше.

Едноставно, да не употребам груб збор, но ‘да не се правиме на Тошо’ и да тврдиме дека тоа што било предмет на легализација, за што сопственикот платил надоместок и општина Чаир утврдила дека постојат услови, е исто со ова што е предмет на рушење. Мислам дека е поигрување со здравиот памет на секој од нас како граѓани, а потоа и како луѓе што ги водат институциите“, рече Шилегов.

Тој уште еднаш изрази жалење што Град Скопје нема надлежност за постапување по дивоградби, откако вчера изјави дека би било добро во иднина градот да ги има тие ингеренции.

- Реклама -