Применети најновите трендови во третирање и лекување на пациенти позитивни на COVID-19
Во услови на најтешка пандемија која му се случила на човештвото по Втората Светска Војна – COVID 19, основна цел на нашата клиника е да придонесе за зачувување на здравјето обезбедувајќи најдобра медицинска нега за секој пациент и тоа преку интегрирана медицинска пракса, едукации и истражувања.
COVID-19 пациентите се сериозен предизвик за третирање и лекување, бидејќи во моментов не постои целна терапија за излекување и третманот е главно супортивен. Кај пациентите кои развиваат тешка форма на респираторна слабост се развива синдром на воспаление кој е толку силен и проследен со ослободување на т.н. воспалителни медијатори кои доведуваат до повеќеорганска слабост и смрт.
Следејќи ги светските трендови во третман на најтешко болните пациенти на единиците за интензивна нега и лекување ние во клиничката болница „Жан Митрев“ повеќе години наназад успешно ја користиме методата на хемофилтрација на крвта со посебен високо абсорбтивен филтер (Oxiris). Нашите успешни приказни поврзани со вено-венската хемодијафилтрација со Oxiris филтер беа презентирани на повеќе светски медицински конференции од највисок ранг како и преку публикации во реномирани медицински списанија. Доказ за следење на највисоките медицински стандарди беше и официјалното признавање на Oxiris филтрацијата од страна на FDA во април 2020 година како дел од третманот на COVID-19 пациентите.
Ширејќи ги нашите медицински сознанија и следејќи ги најновите препораки за третман на COVID 19 пациентите започнавме со уште еден тип на прочистување на крвта кој се базира на методот на хемоабсорбција на цитокини и други воспалителни медијатори со CytoSorb филтер (одобрен од FDA за третман на критично болни пациенти со COVID-19 инфекција). Нашите првични искуства со користење на двете форми на прочистување на крвта се одлични и претставуваат поттик и надеж за излекување на најтешките пациенти кои се борат не само со корона инфекција туку и други форми на воспалителни заболувања како од бактериска така и од вирусна природа. Филтрацијата е спора, безбедна и вообичаено трае помеѓу 12 и 48 часа. Во тој временски период пациентите се следат со најсофистициран електронски лабораториски систем за нивото на воспалителните маркери (IL 6, CRP, PCT итн) и соодветно на резултатите се продолжува или прекинува терапијата.
Единствениот ограничувачки фактор во нашата земја е што овие форми на третман и лекување не се признаени од Фондот за Здравствено Осигурување на Република Северна Македонија и користењето на истите како и продолжувањето на терапијата кога има подобрување е ограничено или оневозможено од финансиски причини.
Базирајќи се на одличните искуства, публикувани и признаени во светот, клиничката болница „Жан Митрев“ ќе продолжи да се залага за највисоки стандарди во негата и третман на најтешко болните пациенти следејќи го мотото на Емануел Кант дека луѓето имаат достоинство, но не и цена! Човечкиот живот е бесценет!
Текстот е објавен во соработка со Zan Mitrev Clinic