Зборот на Ахмети е последен, Меџити не го премисли: Груби останува „прв вицепремиер“, а Османи министер за надворешни

Нема да има промени во предлозите за претставници на ДУИ во новата влада, вклучително и за позицијата министер за надворешни работи и „прв вицепремиер“, и покрај незадоволството во ограноците на интегративците од Сарај и Чаир, потврдил претседателот на партијата Али Ахмети за „ТВ Клан – Македонија“, според кого „дебатите“ за овие позиции биле дел од функционирањето на внатрепартиската демократија.

Со други зборови, претставници на ДУИ во владата ќе бидат претходно најавените Артан Груби („прв вицепремиер“ и министер за политички систем), Бујар Османи (министер за надворешни работи), Фатмир Бесими (министер за финансии), Јетон Шаќири (министер за информатичко општество и администрација) и старо-новите Крешник Бектеши (министер за економија) и Насер Нуредини (министер за животна средина и просторно планирање).

Денеска и агенцијата „ИНА“ објави дека Ахмети нема намера да се премислува и цврсто стои зад Груби и Османи и дека ќе даде зелено светло за испраќање на предлозите за министрите до Собранието, и покрај тоа што сѐ уште не беше остварена последната средба со групата пратеници предводени од Изет Меџити, кои не се согласуваат со предложените кандидати, односно начинот на кој биле избрани (без нивна консултација).

Ниту сопартијци од ДУИ не очекуваа Меџити да го премисли Ахмети. Во изјава за „Плусинфо“, функционер од партијата изрази увереност дека тие двајца ќе најдат заеднички јазик, бидејќи, како што вели, претседателот на чаирското крило му е најдобар соработник и добар другар на Ахмети од Скопје и тој на него гледа како на свој „помал син“.

Како што пишува „Плусинфо“, доколку Меџити и Ахмети не се согласат, опција е да се убеди пратеничка од чаирскиот огранок на ДУИ да гласа за избор на новата влада, при што и без гласот на ексградоначалникот на Чаир би имало 61 глас.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

И додека извори од ДУИ потенцираат дека реакцијата на Меџити е повеќе од принципиелни причини отколку од конкретно незадоволство кон тоа Османи или Груби да бидат поставени на наведените функции, други сметаат дека Меџити ќе ја искористи шансата бидејќи „со неговите гласови“ се доведува под знак прашање изборот на владата. Во секој случај, сопартијците од ДУИ допрва очекуваат проблеми во понатамошното функционирањето на министрите и пратеничката група со која ќе координира токму Меџити, а според дел од нив несогласувањата веќе отишле предалеку, бидејќи ова е прв случај некој од партијата јавно да му се спротивстави на Ахмети, пишува „Плусинфо“.

Во меѓувреме, старо-новиот собраниски спикер Талат Џафери за утре во 11 часот ја закажа седницата на која на дневен ред е Предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието. Во Собранието пристигнала и оставката на Фљорин Бесими, кој се повлече од пратеничкото место затоа што неговиот брат Фатмир Бесими ќе биде министер за финансии. Пред седницата можно е да пристигнат и други оставки, од пратениците кои ќе бидат дел од составот на новата Влада, како Мила Царовска и Никола Димитров, пренесува „Канал 5“.

Претходно, пак, лидерот на СДСМ – Зоран Заев, изјави дека предлогот за влада и владината програма ќе ги достави веднаш штом парламентот ќе го утврди бројот на потпретседатели и ќе го верифицира мандатот на следните пратеници од листите кои доаѓаат на местото на оние што ќе бидат министри.

Бројот на потпретседатели Собранието го утврдува по предлог на претседателот на Собранието, а истите се избираат од пратениците од партиите застапени во него. Џафери предлага законодавниот дом да има пет потпретседатели, а се очекува тие да бидат од редовите на СДСМ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, пренесува „Канал 5“.

- Реклама -