Директорот на „Улици и патишта“ фатен со кокаин? Шилегов го разреши од функцијата

Сенад Смаиловиќ – Сенко, директор на скопското јавно претпријатие „Улици и патишта“, во саботата бил уапсен со две пакувања кокаин во Струга, дознава „Лидер“.

„На 15.08.2020 во 22.40 часот на ул. ‘Владо Малески’ во Струга, полициски службеници од Полициската станица Струга го лишиле од слобода С.С. (33) од Скопје, затоа што при преглед кај него бил пронајден кокаин. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок“, стои во билтенот на МВР.

Според „Лидер“, кој се повикува на полициски извори, при претресот кај Смаиловиќ била пронајдена поголема количина на кокаин, но и покрај тоа за него ќе се води постапка само како да е корисник.

Она што е сигурно е дека Смаиловиќ веќе денеска е разрешен од функцијата. Информацијата ја објави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на својот Фејсбук профил:

„Почитувани, дозволете ме да ја известам јавноста дека досегашниот директор на ЈП Улици и патишта – Скопје, денес е разрешен од досегашната фунција“, напиша Шилегов, без дополнително објаснување.

- Реклама -